На првиот конкурсен рок за 2015 година за нарачка на дела од областа на класичната музика до Министерството за култура беа поднесени 41 апликација во 9 различни категории. Доделени се 25 награди во износ од 1.575.000 денари. Доделени се девет први награди во износ од 695 илјади денари, осум втори награди во износ од 515 илјади денари и осум трети награди во износ од 365 илјади денари.
На денешната прес-конференција резултатите ги соопшти министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, која посочи дека имало голем интерес за конкурсот.
„Од техничката поткомисија од Министерството за култура беше констатирано дека од технички аспект само една од 41 пристигнатите апликации не ги исполнува условите на конкурсот и од тие причини оваа композиција беше дисквалификувана и не беше проследена на евалуација од страна на стручните комисии. Останатите 40 композиции беа квалитативно оценувани од девет посебни комисии во кои освен претставниците од Сојузот на композиторите и Сојузот на музичките уметници членуваа и други реномирани домашни и странски автори и репродуктивни уметници“, нагласи Канческа-Милевска.
Во категоријата марш за дувачки оркестар доделена е една награда, само за композицијата на авторот Тодор Трајчевски. Во категоријата за вокален солист(и) и симфониски оркестар во духот на најзначајните македонски православни обичаи (Божик, Бадник, Велигден) доделени се две награди. Прва награда за авторот Маријана Јаневска и втора за делото на композиторот Благој Цанев.
Наградени во категоријата за фиксен медиум се Дарија Андовска, која освои прва награда. Втора награда освои Никола Димушевски, а трета Влатко Георгиев. Во категоријата квинтет наградени се авторот Бојана Петровиќ Алексова, Александар Пејовски, Вања Николовски и Илија Б. Илиевски. Во категоријата мешан хор наградени се Никола Коларовски, Панде Шахов и Маријана Јаневска. Во категоријата трио наградени се Никола Димушевски, Ана Пандевска и Стојан Стојков.
Во категоријата хармонски инструмент најдобри се делата на Александар Пејовски, Борис Светиев и Јана Андреевска-Димитровска. Во категоријата соло песна награди добија авторите Ангел Спировски, Драган Стојковски и Никола Коларовски. Во категоријата за аматерски хорски состав наградени се Теа Богатинова, Гоце Гавриловски и Филип Иванов.
Вториот конкурсен рок ќе трае до 15 ноември.
Сони Петровски, претседател на Сојузот на композитори на Македонија истакна дека се потврдува оправданоста на оваа стимулативна мерка и нејзината цел.
„Тоа го потврдуваат бројките, делата што се создаваат. Тоа не се награди само за да ги стимулираат авторите да пишуваат, туку конкурсот во голема мера ги поттикнува да создваат во одредени форми, жанрови иза одредени состави, институции во државата, кои имаат потреба од ново творештво од македонски автори“, рече Петровски.
Во 2014 година со конкурсот за стимулирање на творештвото од областа на класичната музика беа поддржани 42 композиции на 27 македонски автори. Овие дела беа наградени со 5 милиони и 305 илијади денари, средства од буџетот на Министерството за култура.
„Со оваа поддршка продукцијата на дела од областа на калсичната музика се зголеми четирикратно, што е голем успех за нашата држава, за Минстерството за култура и за македонските автори“, потенцира Канческа-Милевска и додаде дека најголем дел од поддржани композиции веќе се изведени пред македонската публика.