Богата културна програма овој викенд низ градовите ширум земјава

Во општина Брвеница во состав на манифестацијата „Топол културен бран“ на 22 август (сабота) во Основното училиште „Челопек“ со почеток во 18 часот ќе се одржи проекција на долгометражниот анимиран филм „Вини Пу“. Во сабота, во дворот на Домот на културата во Ресен, со почеток во 20 часот ќе се одржи „Поетско читање на локални поети“, членови на здружението „Преспанска Елегија“.

Во рамките на Богданско културно лето, истата вечер (22 август), Интимниот театар од Битола ќе ја изведе претставата „Со љубовта шегување нема“, работена според текстови од Алфред Де Мисе и Софија Ристевска. Претставата ќе се одигра на сцената во малата сала на Домот на културата „Бранд Петрушев“ – Богданци. Во претставата која ја обработува темата на неолиберализмот и суровиот капитализам што го проголтува и уништува секој човеков обид да се живее надвор од таквата матрица, настапуваат актерите: Здравко Стојмиров, Катерина Аневска и Стефанија Илиевска. Кореографијата е на Кире Миладиноски и Стефанија Милевска, додека костимите се на модното студио „Анастасија“. Проектот е финансиран со заеднички средства на Министерството за култура и општина Богданци.

Културната летна програма во Општина Новаци ќе започне на 22 август, сабота, со промоција на документарниот филм „Битката за новачкиот манастир „Рожденство на Пресвета Богородица Новаци“, за време на поплавите, од здружението „Граѓански Патеки“ од Битола. Настанот ќе се реализира во дворот на манастирот со почеток во 20 и 30 часот.

Во рамките на манифестацијата „Топол културен бран“ и во Општина Крива Паланка во текот на месец август ќе бидат реализирани неколку настани. Имено, во сабота (22 август) на плоштадот „Карпошово Востание“ со почеток во 19 часот ќе се одржи „Џој Фест 2015“, кој и на ова четврто фестивалско издание ќе понуди одлична програма.

Во Општина Кратово во сабота (22 август) со почеток во 11 часот пред платото на Домот на култура „Лазар Софијанов“, најмладите ќе имаат можност да ја погледнат детската театарска претстава „Ојле брада во животинска балада“. Театарската претстава е во изведба на Народниот театар-Штип, во режија на Трајче Кацаров, а во истата играат актерите Трајче Кацаров, Каролина Михајлова, Кристијан Санев.

Во сабота (22 август), во општината Радовиш ќе се одржи концерт на градскиот плоштад со почеток во 20 часот. Станува збор за перформанс на староградски песни „Саноќ седам“, во чии рамки учество ќе земат десет музички ансамбли од земјава. На концертот ќе настапи и музичкиот ансамбл од градот Струма, Република Бугарија.