Триесеттина производители на вино и сирење од Македонија и Албанија се дел од фестивалот на „Вино и сирење“ што и годинава како минатата се одржува на плоштадот “Чинар“ во охридската чаршија. Бројни охриѓани но и гости од земјава и странство воодушевени од несекојдневната глетка дегустираа од виното, сирењето и останатите автентични производи за овој регион изложени на 20 унифицирани штандови.
Фестивалот за отворен го прогласи заменик градоначалникот на Охрид, Ангел Јанев.
„Со настани од ваков тип покрај што ја збогатуваме туристичката понуда на Охрид , ние настојуваме да укажеме на значењето од консумирањето здрава храна и пијалаци правени по традиционалните рецептите на нашите мајки и баби. Посакувајќи ви вам драги производители и излагачи на вкусно сирење и вино од Македонија и Албанија успешна презентација во овие два дена ќе кажам дека Вие сте креатори на оваа привлечна слика за бројните луѓе во чаршијава кои верувам дека ќе се воодушеват вкусувајќи ја оваа храна и пијалак. На крај на сите вас охриѓани и драги посетители ви порачувам , уживајте во виното во умерени количини. Прифатете ги советите на докторите , пијте по една чаша вино на ден. Тоа го намалува ризикот од појава на кардиоваскуларни заболувања. И не заборавајте го советот на нутриционистите, виното идеално се комбинира со добро сирење. Бидете здрави и уживајте во понудените вкусови во овие две фестивалски ноќи. Нека ни е за многу години овој фестивал и нека доживее сто и повеќе лета со над 2 000 посетители во едно издание како што тоа го доживува фестивалот на сирење во Кардиф- Велс“ – рече Јанев.
Во рамки на дводневната манифестација, посетителите имаат можност да уживаат во богата културно уметничка програма. Фестивалот на „Вино и сирење “ кој беше обновен минатата година општина Охрид го организира со прекуграничниот регион Преспа, како дел од програмата на ABDA која се спроведува преку Regional Rural Development Standing Working Group (SWG) во Југоисточна Европа.