Финишираат подготовките за годинешниот охридски пливачки маратон

Охридскиот пливачки маратон ќе се одржи на 29-ти август ( сабота) на патеката „Климе Савин“, од манастирскиот комплекс „ Св. Наум“ до градското пристаниште, во должина од 30 километри. Организаторите на годинешниот 29. маратон, Меѓународната пливачка федерација-ФИНА, Македонската пливачка федерација, Општина Охрид и Капетанијата на пристаништата, велат дека финишираат подготовките за најголемиот меѓународен пливачки настан во Република Македонија.

На Охридскиот пливачки маратон, според пристигнатите пријави, ќе учествуваат 24 маратонци од кои 12 мажи и 12 жени од Македонија, Аргентина, Италија, Венецуела, Бразил, Бугарија, Канада, Германија, Хрватска, Русија и Шпанија. На ова големо натпреварување, на која ќе учествува светската маратонска елита, на освојување на високи места претендираат и македонските пливачи Томи Стефаноски и Евгениј Поп Ацев.

2014PlivackiMaraton19

Општина Охрид, како домаќин и соорганизатор на пливачкиот маратон ги интензивира подготовките за засилена логистичка поддршка, како што тоа го правеше во изминативе неколку години. Во соработка со Сојузот на спортови , охридската капетанија и јавните претпријатија, Општина Охрид, и годинава застанува зад целосната техничка организација на маратонот. Тоа значи поддршка околу организацијата во поглед на чамци за придружба, контролни чамци, глисери, бродови, водител, културно –уметничкиот дел на манифестацијата која се однесува на моментот на пристигнување на пливачите, нуркачи, спасувачки екипи и друго.

Охридскиот пливачки маратон, за Локалната самоуправа е од посебна важност бидејќи е настан од светски рамки, преку кој се афирмира Охрид како развиен туристички центар кој треба да се посети. Токму затоа, Општина Охрид и градоначалникот Никола Бакрачески, постојано апелираат до охриѓани и граѓаните на Република Македонија масовно да ја посетат оваа манифестација, зошто фото и видео материјалите од овој спектакл се прикажуваат на медиумите во голем број земји во светот.

Ohridski-plivacki-maraton-2015-4851