Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, денеска се сретна со делегација на Европската зелена партија предводена од пратеникот во Европскиот парламент, Реинхард Бутикофер.
На средбата се зборуваше за актуелната политичка состојба во Република Македонија и демократските предизвици со коишто се соочува земјава.
Претседателот Заев го информираше европратеникот Бутикофер за текот на разговорите во рамки на работните групи, согласно превземените обврски од договорот од 2-ри јуни/15-ти јули.
Заев го поздрави ангажманот на Европскиот парламент во разрешување на политичката криза во Македонија и потенцираше дека СДСМ ќе продолжи да дејствува внимателно и фокусирано на исполнување на сите компоненти од договореното, како основен предуслов за одржување на фер и демократски избори.
„Роковите се дефинирани и мора да бидат исполнети. Власта не смее да си дозволи избегнување на превземените обврски на било кој начин“, рече Заев.
Европратеникот Бутикофер посочи дека имплементирањето на препораките од Европската унија, особено оние содржани во Извештајот на експертската група на ЕК предводена од Прибе, се корисни за државата и во насока на демократизација на земјата.
Од страна на европратеникот Реинхард беше поздравена иницијативата на СДСМ за промена на изборниот модел, Македонија да биде една изборна единица, што доби широка поддршка од помалите политички партии, граѓанските здруженија и експертите.
Заеднички беше оценето дека овој модел значително ги јакне демократските процеси и ги подобрува демократските капацитети на земјата во функција на граѓаните и интересите на државата.