Министри, градоначалници, директори на јавни претпријатија денеска се на координативен состанок во Владата каде заедно со премиерот Никола Груевски предмет по предмет го разгледуваат степенот на реализација на барањата посочени од локалното население произлезени при теренските посети кој Груевски со владините министри ги реализираше во изминатиот период.
Околу 150 барања и предлози на граѓани од петнаесетина општини се разгледуваат на координативниот состанок и се согледуваат извештаите на надлежните институции кои работат на нивно решавање. Целта е да се најде решение на што поголем број на проблеми на граѓани. Еден дел од барањата веќе се завршени.
Беше посочено дека се асфалтира патот за Жировница, а веќе е саниран и патот за Новак. Во Жировница е дадена од страна на Владата на користење објектот на полициската станица на општината Маврово Ростуше која има намера да го претвори во корисна површина. Исто така во општина Студеничани на барање на граѓаните саниран е патот до Количани од потегот на Драчево. Во истата општина, но за потребите на жителите на Морани продолжена е автобуската линија со број 51 до бараната локација, така да жителите ќе може да се превезуваат од бараната точка. Во населеното место Љубин обезбедена е потребната опрема за одвивање на наставата за физичко образование, исто така по барање на граѓаните директорот на катастарот како и директорот на управата за имотно правни односи го посети Љубин при што голем дел од барањата за катастарско впишување на парцелите се решени, а покомплесните се во процедура на понатамошно решавање.
Во тетовско Доброште согласно ветувањето е предвидено во следните месеци да се започне со инсталирање на водоводната мрежа со средства на Владата, а во Центар Жупа во текот на октомври започнува изградбата на регионалниот пат Мелнички мост – Центар Жупа….Исто така се заклучило дека позитивната пракса на теренски посети треба да продолжи при што Груевски ги задолжи надлежните инситуции да изготват календар со посети на местата.
На координативниот состанок беа разгледани и покомплексни барања за проекти кој се воведени во реализација. Училишта, реконструкции на објекти, изградба на спортски сали и нови патишта се дел од проектите за кој се разговараше. Од претпоследната посета на населените места Груевски со конкретни решенија, додели задолженија на министрите и со градоначалниците на градот Скопје, Коце Трајановски и на општината Ѓорче Петров договори проекти кои се од значење за ѓорчепетровци.
„Подрачното училиште на „Димитрија Поп Георгиев Беровски“ се завршува до март, потоа почнува втора фаза. Кровот на „Јоаким Крчовски“ во Волково, проектот оваа година, градбата следната година ја ставаме во буџет. Асфалтирање на улица бр. 4 во Ново Село превзема Трајановски и стартуваат од 10-ти октомври. Изградба на канализациски систем во Волково превзема Министерствот за транспорт да изнајде средства, има информација на Владата пратено веќе, потоа одиме до реализација. Асфалтирање на тротоар во Ново Село, први октомври почнувате Град Скопје да го гради. Надградба на ОУ „Тихомир Милошевски“ во Ново Село, проектот ова година, градба следната година. Асфалтирање на улица „37“ во Волково ја превзема по 15 октомври Град Скопје и ЈП „Улици и патишта“. Канализацискиот систем во Волково и асфалтирање на тротоар во Волково рековме ако стигнете оваа есен, ако не на пролет“, истакна Груевски.
А од последната посета на кумановско, за населеното место Пчиња на нивно барање веќе е распишан конкурс за ангажирање на лекар. Министерот за здравство Никола Тодоров реферираше дека до 21 септември ќе заврши постапката по што жителите ќе го решат и овој проблем.
„Денес го пуштивме огласот, имавме рок од седум дена да објавиме, ние денес го пуштивме. Контактиравме во меѓувреме со претседателот на месната заедница. Конкурсот ќе трае до 21 септември, по што доколку има пријавени веднаш ќе пристапиме кон склучување на договор со матичниот лекар и тој ќе може да отвори ординација“, посочи Тодоров.
Се изнаоѓа решение и за долгогодишниот проблем со водоводот во Долно Количани. Градот Скопје извршил увид и анализа на состојбата и ќе помогне во изработката на проектна документација на општината која треба да достави проект до Министерството за трнаспорт кое ќе обезбеди средства за изградба на водоводот.
„Отиде екипа да направи согледување каква е состојбата со постојниот систем за водоснабдување. Констатираа дека нема голема изречност на вода, има резервоар кој е многу стар и дотраен. Имавме состанок со министерот за транспорт и градоначалникот на Студеничани, се договоривме проектна задача да направи „Водовод и канализација“, проектот да го изработи општината Студеничани бидејќи веќе има отворен тендер. Во среда имат Водовод закажано состанок со општината. Проектот ќе опфаќа бушење на бунари резервоар и цевковод“, нагласи градоначалникот Трајановски.
Од 11 септември започнува и асфатлирање од страна на градот Скопје на ветените улици во Батинци. Договорено е и за 60 дена општината Студеничани да достави проект до МОН за изградба на нов училишен објект во Љубош.
Ова се само дел од проектите за кои се разговараше на денешниот состанок. Според информациите од владината прес служба се очекува работната средба која сеуште е во тек да продолжи да трае до исцрпувањето на секој поединечно наведен проект.