Почна седмото издание на Меѓународниот театарски фестивал „Свети Јоаким Осоговски“

Фестивалската програма на седмото издание на Меѓународниот театарски фестивал „Свети Јоаким Осоговски“, покрај претстави, ќе понуди и промоции на дела од театарската уметност …

Во Крива Паланка синоќа почна седмото издание на Меѓународниот театарски фестивал „Свети Јоаким Осоговски“ кој ќе трае до 23 септември. Свеченото отворање на Фестивалот беше означено со кревање на фестивалското знаме пред Националната установа Центар за култура Крива Паланка каде што се одржуваат сите десет фестивалски вечери.

Годинашниот фестивал започна со осврт на богатото творештво на лауреатот на Фестивалот, познатиот македонски драматург, критичар и дипломат, Јордан Плевнеш, по што и свечено му беше доделено признанието „Лауреат за 2015 година“.

Градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски, изјави дека е горд што од основањето на Фестивалот досега, до седмото фестивалско издание, тој прераснува во манифестација која привлекува голем број еминентни театарски имиња од регионот.

„Од почетоците досега постојано гостуваат етаблирани театарски групи од Македонија и од соседството, а лауреати на фестивалот се еминентни македонски имиња од театарскиот свет. Во наредните десет дена Крива Паланка ќе живее во духот на театарската уметност со гостите од пет балкански земји од разбирливо, блиско до нас, говорно подрачје. И оваа година влезниците имаат симболична цена, а средствата, како и изминатите години, во соработка со Меѓуопштинскиот центар за социјални работи од Крива Паланка, ќе бидат донирани во хуманитани цели“– истакна Алексовски.

На отворањето присуствуваа заменик-министерот за култура Драган Недељковиќ, Ив Робер, претседател на Европската пијано програма на Европската Унија – проект за Македонија, претставници од МПЦ, пратеникот во Собранието на РМ од Крива Паланка, Слаѓана Митовска, директорката на Националната установа Музеј – Куманово, Анита Цветановска, и други гости од јавниот живот во општината.

Фестивалската програма на седмото издание на Меѓународниот театарски фестивал „Свети Јоаким Осоговски“, покрај претстави, ќе понуди и промоции на дела од театарската уметност.

Програмата започнува вечер во 20 часот, со претставата „ Ранет орел“ во изведба на актерите од Народниот театар „Лесковац“, Република Србија, утре со почеток 12 часот ќе биде промовирано делото „Од обред до театар“ на Тихомир Стојановски, а вечерта настапува „Театар Комедија“ со турската приказна „Ах, љубов моја“ во режија на Коле Ангеловски.

На 17 септември настапува Уметничка работилница „Призор“ од Белград, Србија, со претставата „Цимери“, а на 18 септември, петок, Општинскиот народен театар „Невена Коканова“ од Дупница, Бугарија, ќе ја изведе претставата „Кариеристи“. В сабота во 12 часот ќе се одржи промоција на драмскиот текст „9“ на авторот Гоце Ристовски, а вечерта настапуваат „Арт маркетинг“ – продукција во копродукција со „МНТ“ со претставата „Алма Малер“.

В недела настапуваат актерите од Народен театар „Херцег Нови“, Република Црна Гора, со претставата „Не сме ние од вчера“; в понеделник Народен театар „Стерија“ од Вршац, Република Србија, со „Лаги и паралаги“; во вторник, 22 септември, настапува Градски театар „Јоза Ивакиќ“ од Винковци, Хрватска, со претставата „Не се моткај разголена наоколу“, а фестивалската програма ќе ја затворат младите кривопаланечки актерски надежи од драмското студио при Националната установа Центар за култура – Крива Паланка со изведбата на „Чорбаџи Теодос“ од Васил Иљоски, во режија на професорката Лиле Стојановска и младиот кривопаланечки режисер, раководител на студиото, Глигор Цветковски.

Во рамките на својата вчерашна посета на Крива Паланка, заменик-министерот за култура Драган Недељковиќ, покрај тоа што го означи стартот на седмото издание на Меѓународниот театарски фестивал, го затвори и 29-тото издание на Меѓународната ликовна колонија „Свети Јоаким Осоговски“.

На годинашната ликовна колонија „Свети Јоаким Осоговски“ учествуваа автори од Белгија, Грција, Словенија, Романија, Украина, Турција, Бугарија, Србија и Македонија.

Изложбата на годинашните дела од колонијата се одржа во галеријата на стариот манастирски конак. Овие дела, исто така, ќе бидат презентирани и на изложби во Скопје и во повеќе градови низ државава.

Оваа реномирана меѓународна ликовна колонија се организира под покровителство на управата на манастирот „Свети Јоаким Осоговски“ со поддршка од Министерството за култура на Република Македонија.

zameniki_dopuna