Континуирани градежни активности за поубав Охрид

Со забрзано темпо се реализираат активностите за изградба на две нови кружни крстосници по должината на булеварот Туристичка на пресекот со улица „Македонски Просветители“ и улица „Стив Наумов“. Во моментов и на двата градежни објекти, екипи на охридските јавни претпријатија вршат интензивни градежни зафати за поставување на нова атмосферска канализација и подготовка на теренот за претстојните крупни градежни активности.

Кружната крстосница на пресекот на булевар Туристичка со ул. „Македонски Просветители“ е проект којшто Локалната самоуправа го реализира со средства од Светска Банка и негова договорена и проектирана цена е 10.397 636 денари.

Оваа кружна крстосница се состои од два кружни тека,првиот лоциран на јадрото на булевар Туристичка со вкупен дијаметар од 24 метри и една помала кружна крстосница лоцирана на пресекот на ул. „Македонски Просветители“ со булеварот „Туристичка“ со дијаметар од 3 м. Се очекува оваа кружна крстосница на овој фрекфентен дел од градот да ја подобри безбедноста на сите учесници во сообраќајот и да го интензивира одвивањето на сообраќајот на овој дел од градот,посебно за време на летната туристичка сезона.

Кружната крстосница на пресекот на булевар „Туристичка“ со ул. „Стив Наумов“ е проект којшто локалната самоуправа го реализира исклучиво со сопствени средства. Вкупната проектирана цена по договор на овој проект изнесува 4.960 226 денари.