СДСМ: Најдоцна до почетокот на идниот месец изборното законодавство треба да се затвори

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев денес во изјава за медиумите истакна:

„Социјалдемократскиот сојуз, јас и дел од раководството сме денеска во Битола, заедно со претседателите на 18-те комисии, членовите на Извршниот одбор, надворешни експерти, заедно работиме на досоставувањето на Платформата, нејзино усовршување во моменти кога ја отвараме дебатата што е тоа што опозицијата, којашто ги вадеше “бомбите“ во целиот овој период, ќе го понуди како алтернативно решение за подобар живот на сите граѓани за периодот којшто е исправен пред нас.

Секако ги следите процесите, паралелно одат преговорите коишто сами по себе со нивниот успех треба да донесат квалилтетни корективи во нашето општетсво во делот на подобрување на правосудството, во делот на подобрување на медиумите, општо, во делот на подобрување на животот на сите граѓани.

Ја искористивме приликата додека работат комисиите и ова мое слободно време денеска претпладне, да се видиме со групи граѓани, тоа се инвалидизираните лица, лицата со посебни потреби, за да разговараме за проблеми со коишто се соочуваат, а решенијата треба да бидат вградени во Програмата на СДСМ.

Но, разговаравме и со еснафи. Сега пред малку заврши работниот состанок со еснафот, состаноците се отворени и траат толку колку што треба. Ги отвараме сите детали од прашањата без разлика дали е здравство, дали е бизнисот, дали се работните места, без разлика дали е адвокатурата или кој било сегмент од секојдневното живеење. Ние сме свесни дека не знаеме `се, ги поставуваме темелите, Платформата ја нудиме на сите, но, сакаме да биде доградена со максимум решенија за секојдневните проблеми коишто се секојдневна преокупација на граѓаните.

Резултатот е конечен концепт којшто ќе води грижа за граѓаните, којшто ќе ги врати парите назад кон граѓаните, каде што квалитетот и пред `се центарот ќе бидат граѓанинот и семејството, за да негуваме надеж дека ќе создадеме квалитетно општетсво во коешто ќе ги задржиме младите овде, а пред `се и над `се да се обидеме и да ги вратиме заради тоа што миграцијата е голем проблем.

Битола е еден од градовите којшто секако пати од оваа болест од којашто пати цела Македонија, миграцијата којашто се чувствува на секој чекор.

Тоа е изразено во недостаток на квалитетна работна сила, тоа е изразено во вкупен промет на пари во општетсвото. Едниот дел е заради тоа што луѓето заминале, другиот дел е заради тоа што оние кои останале, се сиромашни граѓани.

Некаде околу 75 проценти од граѓаните се под средна класа, односно се сиромашни граѓани, не можат да си дозволат една третина од она што го заработуваат да биде за т.н дискрециони трошења. Значи покрај покривање на секојдневните трошоци, да имаат и нешто да заштедат и за своите деца, да одат на годишен одмор, да купат автомобил после неколку години и сл. Тоа не им е овозможено на повеќе од 75 отсто од граѓаните во нашата земја. Сите овие податоци кажуваат дека состојбата е алармантна. “Бомбите“ или проектот Вистината за Македонија ги потврди фактите коишто нашите граѓани ги знаат.

Прашањето е како понатаму?

Затоа дебатираме, сме отворени, еве и на ваквите прес конференции, и за вас новинарите, за навистина транспарентно да разговараме за актуелните проблеми, соодветно и искрено да ги најдеме решенијата за подобра иднина на сите граѓани.“- изјави Заев.

https://www.youtube.com/watch?v=3Axdp0ZfVHo