ОО на СДСМ Дебрца испрати соопштение до медиумите, во кое се вели:
„Во врска со вчерашната изјава на Министерот за финансии, Ставрески за донесената одлука на Владата на РМ за обештетување на земјоделците од општина Дебрца за штетата предизвикана од елементарната непогода -град, во 2010 година, во која потенцираше дека благодарение на градоначалникот на општината Дебрца и пратениците на ДПМНЕ од Охрид и Струга Владата ја донела одлуката, а во името на вистината, сакаме да го корегираме министерот.
Имено, Владата на Република Македонија, уште на на триесет и шестата седница, одржана на ден 27.12.2011 година, ја разгледа Информацијата за настанатите штети од природни непогоди во неколку општини, меѓу кои е и општината Дебрца и ја усвои со заклучок со кој се задолжува Министерството за финансии да подготви одлука за одобрување на средства од резервите на Буџетот на Република Македонија за 2011 година и на општината Дебрца, во висина од 15 % од износот на проценетата штета ( 4.360.916,оо денари ), во рок од 8 дена.
Е сега, како е можно и зошто Министерството за финансии четири години не го почитуваше Заклучокот на Владата со кој беше задолжено да обезбеди средства од Буџетот на РМ за обештетување на земјоделците за наведената природна непогода и зошто наместо во рокот од 8 дена на Министерството за финансии му требаа цели 4 години да ја подготви одлуката , на тоа Министерот Ставрески требаше, а не даде одговор.
Општинската организација на СДСМ Дебрца на повеќе пати реагираше за непостапувањето на Министерството за финансии и затоа ја поздравуваме одлуката на Владата на Република Македонија, која конечно се смилува и ги одобри средствата за обештетување на земјоделците од општина Дебрца. Крајно, не ни сакаме да помислиме дека ваквата одлука беше донесена во функција на добивање на политички поени и предизборната кампања која партијата на власт засилено ја води далеку пред официјалниот почеток на истата.“- стои во соопштението.