Претседателот на СДСМ, Зоран Заев со честитка по повод празникот Курбан Бајрам

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев упати честитка до поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул улема Хаџи Сулејман ефенди Реџепи и до граѓаните кои го чествуваат големиот верски празник Курбан Бајрам.

„Ви го честитам големиот празник Курбан Бајрам од име на Социјалдемократскиот сојуз и во мое лично име. Празничните денови нека бидат прозорец кон духовен мир, слога, почитување, благосостојба. Тоа ќе внесе радост во вашите срца и вашите семејства, а само со спокојни граѓани е можно успешно општество.

Празниците се свети моменти кога свртувајќи се кон вистинските вредности: чесност, правда, солидарност, толеранција, трпение, искрена љубов, добиваме сила поцврсто и поодлучно да застанеме во нивна одбрана. Овие предизвици секојдневно се испречени како тестови пред нас, а наша должност како луѓе е да одолееме на искушенијата на полесниот пат, што најчесто не е правиот пат.

Изминатиот период покажа дека сите ние кои живееме на ова парче земја, независно од различностите, знаеме и сакаме да се сакаме, знаеме и имаме капацитет и волја да се почитуваме, `не мачат исти проблеми и решенијата за еден се решенија за сите.

Ве повикувам уште пообединето, повторно заедно, да застанеме еден до друг и да обезбедиме светла иднина за нас, за нашите деца и за идните генерации.

Нека ви е среќен Курбан Бајрам на сите кои го празнувате почитувани сограѓани!“– стои во честитката.