ВМРО-ДПМНЕ: Виртуелниот свет на СДСМ е само нивни и претставува утеха за се она што не може да го постигнат во реалноста

Во врска со денешната прес-конференција на ОО на СДСМ Охрид, реагираше Советничката група на ВМРО ДПМНЕ.

„Продолжува дезорганизираното и дезориентирано однесување на СДСМ- Охрид. Навистина е тешко човек да извлече некаков логичен заклучок за нивното однесување. Единствено што може да се констатира е дека се работи за обичен политички маркетинг и евтин обид за додворување до граѓаните на Охрид. Незамисливо е да се прават обиди за извртување на вистината и класично манипулирање со јавноста во врска со реализација на проектот, изградба на малото пристаниште во Охрид.

Веројатно од СДСМ- Охрид и од советничката група се збунети од големиот број на проекти кои истовремено се одвиваат во Охрид и притоа измешале дека реализацијата на овој проект ќе биде финализирање на проектот за изградба на мала марина на Охридското Езеро. За да не бидат збунети ги известуваме дека се работи за две различни активности и дека покрај овој комплекс, Охрид ќе добие и нова голема марина. Знаеме дека за нив не е својствено но сепак кога веќе ги измешале поимите очекуваме да ја пофалат локалната самоуправа дека конечно после 40 години се нашло решение на овој проблем.

Нејасно е каде беа овие луѓе во сите изминати години години за да се погрижат за изградба на малото пристаниште а да не заборавиме дека 10-ина години беа локална власт во нашиов град, години кога малото пристаниште најмногу се оштетуваше и од година во година стануваше се погрда слика за Охрид. Логично е сите ние да се запрашаме, Зошто СДСМ- Охрид не презеде ниту една активност за уредување на овој простор кој во моментов не исполнува еколошки ниту каков и да е друг стандард , односно е опасен за безбедноста на сите луѓе кои се наоѓаат во негова близина? За среќа ние не сме како нив и многу одговорно и цврсто застануваме зад успешната реализација на овој проект.

Со реализацијата на проектот Охрид ќе ја зголеми и збогати туристичката понуда и ова место ќе биде дел од градов кој задолжително ќе треба да се посети .

Две години посветено работиме на реализацијата на овој проект вршејќи анализи и пресметки околу целоисходноста на овој проект . Сите проекти беа содржани во физибилити студијата изработена од реномирана консултантска куќа која за жал советниците на СДСМ- Охрид не најдоа време да ја прочитаат. Ние сме решени да правиме коренити промени во Охрид, да ја збогатуваме туристичката понуда во градот затоа што нашите мерки даваат резултати. Како никогаш до сега Охрид е полн со гости и по истекот на официјалната туристичка сезона и ние со несмален интензитет ќе продолжиме да креираме туристичка понуда која во градот ќе обезбеди нови можности а со тоа ќе допринесе поголем број туристи да го посетат Охрид.

Помешувањето на бизнис интереси со интересите за развој на градот е својствено за едно друго време кога СДСМ владееше со Охрид и за среќа на охриѓани никогаш повеќе нема да се повтори поглед на работите од тој аспект.

Бледите прес конференции на СДСМ ќе останат само за нивна употреба и ќе ја зголемат вредноста на нашите проекти. Виртуелниот свет на СДСМ – Охрид е само нивни и претставува утеха за се она што не може да го постигнат во реалноста. “- стои во реакцијата.