Концерти на Македонската филхармонија на 7-ми и 8-ми октомври во Њујорк

Република Македонија ќе се претстави со два концертни настапи на 7-ми и 8-ми октомврина Камерниот оркестар на Македонската филхамонија во престижната Карнеги хол и во реномираниот музички центар Кауфман во Њујорк.

„Ова гостување на нашиот национален оркестар е голем успех за македонските уметници, за македонската култура и за Република Македонија која е земја со врвни уметнички потенцијали кои заслужуваат посебно внимание и соодветна промоција во светот.“ Ова на прес-конференција го истакна министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска, која рече дека на 7 октомври во Кауфман на првиот концерт на камерниот оркестар на Македонската филхармонија која првпат во овој состав настапува во Њујорк, под дигирентската палка на Борјан Цанев ќе настапи кларинетистот Исмаил Лумановски, кој живее во Њујорк.

„Особено значајно е што на овој концерт во престижниот центар за изведувачки уметности Кауфман, во кој настапуваат врвни репродуктивни уметници од целиот свет, ќе бидат изведени светски автори како Бела Барток и Хасан Тура, но пред американската публика ќе биде претставено и дело на македонскиот автор Гоце Коларовски, што е особена важност за афирмација на македонското современо творештво“, посочи Канческа – Милевска.

Појасни дека на вториот концерт на 8 октомври во Карнеги хол, кој има 125-годишна традиција и во кој редовно концертираат најголемите музички имиња на денешницата, членовите на Македонската филхамонија ќе музицираат со нашиот реномиран композитор и текстописец Дуке Бојаџиев, кој долги години живее и работи во Њујорк, а како гости ќе настапат Каролина Гочева, Александар Петров и Васко Дуковски.

Во Њујорк, нагласи министерката, ќе се реализираат уште два значајни настани во овој период, а тоа е отворањето на изложбата на македонските реномирани уметници Ацо Таневски и Ирена Пирковска која ќе биде поставена во Македонскиот културен центар, како и промоцијата на аудио изданието со традиционални македонски изворни песни од 60 и 70-тите години на минатиот век, во издание на издавачкиот оддел на еден од најголемите музеи во Америка „Смитсонијан музеј“. Изданието е поддржано од реномирана американска фондација за музика и уметност, како и од Обединетата македонска дијаспора.

„Во контекст на претставувањата во Њујорк би сакала да истакнам дека оваа година се реализираа повеќе гостувањана македонските уметници во Македонскиот културен центар: концерти на Зоран Сотиров, трио-то „Акордиом“, Даница Стојанова, пијано-дуото „Гелебешеви“, изложби на реномираните македонски уметници Гоце Наневски, Иван Блажев, Сашо и Пандора Саздовски, Наташа Милованчев, Денис Сарагиновски и Слободанка Стевчевска, како и претставување на творештвото на Киро Урдин,“ рече Канческа-Милевска.

Додаде дека до крајот на годинава со поддршка на Министерството за култура, ќе се реализираат и ликовните претставувања на македонските уметници Стеван Шашков, Дита Старова, Зарије Амдиу и Шќипе Мехмети, заедничката изложба на Џезаир Реџепи, Бејтула Заими и Луан Зенки, како и концертот на реномираниот оперскисолист Ѓорѓи Цуцковски.

Директорката на Македонската филхамонија, Маја Чанаќевиќ се заблагодари за поддршката на Министерството за култура бидејќи ова, како што посочи, е многу голем настан за Република Македонија и за Македонската филхармонија.

„Голема реткост е секаде во светот Министерство за култура да поддржува целосно вакви големи проекти на националните куќи. Да се настапува во вакви престижни концертни сали е навистина голем престиж за кој било музичар и музичка институција. Најдобрите имиња се во концертните сезони во двете сали. Да се биде дел од еднаваква концертна сезона е веројатно остварување на еден голем сон“, рече Чанаќевиќ. Нагласи дека интересот за концертите е голем и речиси сите билети се поделени. Одлучивме, потенцира таа,концертите да бидат со слободен влез бидејќи би сакале што поголема публика да има можност да види што Македонија има како музичко творештво, како музичко културно наследство.

Диригентот Борјан Цанев осврнувајќи се на програмата рече дека многу вниматално ја избирале и таа опфаќа изборна македонски композитор, презентација на македонското музичко творештво, македонски изведувач… Додаде дека работат многу напорно и ќе се претстават најдобро што можат.

fotografija_640_-_2