СДСМ: Ова што се прави во Охрид е срамота за општината и шамар за сите млади, стручни, образовани и чесни охриѓани

ОО СДСМ Охрид денес испрати соопштение до медиумите во кое се вели:

„ВМРО-ДПМНЕ скандалозно ја партизира администрацијата на локалната самоуправа во Охрид со функционери вмешани во корупциски афери.

Пред три дена, наводно на некаков проект, во општина Охрид работно се ангажирани двајца поранешни владини функционери од ВМРО-ДПМНЕ, поврзани со афери за големи финансиски проневери со парите од европските фондови.

Бошко Нелкоски е поранешен директор на Националната агенција за европски образовни програми, за кој во јавноста изби голем скандал. Во медиумите Нелкоски беше посочуван како одговорен за злоупотреба и проневера на голема сума пари од европските фондови.

Печатен медиум објави дека тој, како директор на Агенцијата, доделил европски пари за проект на невладина организација од Струга, со која претходно и самиот раководел.

Европската комисија направи истрага за незаконската распределба на парите од страна на директорот на „роднински“ и „пријателски“ организации, по што ги укина паричните средства за Македонија. Дури и Антикорупциската комисија тогаш заклучи дека постои основано сомневање дека во периодот 2008 – 2009 година директорот сторил кривични дела, злоупотреба на службена положба и овластување и несовесно работење во службата. Нелкоски беше принуден да си поднесе оставка од позицијата директор.

Сега токму Бошко Нелкоски ВМРО-ДПМНЕ го вдомува во Општина Охрид.

Но, скандалот со ангажирање на функционери на ВМРО-ДПМНЕ вмешани во корупциски афери не завршува тука.

Игор Домазатоски е поранешен член на Управниот одбор на Националната агенција и овластен потписник на струшката невладина организација, која во времето додека тој бил дел од Агенцијата, неговата организација добивала сомнителни грантови. Тогаш, на име на проекти за образованието, струшки невладини организации, блиски до власта, примиле речиси половина милион евра од европските фондови, кои биле доделувани исклучиво по партиска, роднинска и пријателска основа.

Сега токму Игор Домазетоски ВМРО-ДПМНЕ го вдомува во Општина Охрид.

Додека чесните, способните и високо едуцираните млади кадри од Охрид мака мачат да дојдат до работа, ВМРО-ДПМНЕ се грижи само нејзините партиски војници кошто имаат, најблаго речено, сомнително минато, токму во работата со финансирање на проекти.

Тоа е ВМРО-ДПМНЕ.

Сомнителни луѓе на сомнителни места. Очигледно ВМРО-ДПМНЕ не мисли на граѓаните туку на своите бизнис интереси.

Ова што се прави во Охрид е срамота за општината и шамар за сите млади, стручни, образовани и чесни охриѓани.

Најавуваме дека по промената на власта, во април 2016 година, ќе следува законска ревизија на сите сомнителни договори.“ – стои во соопштението од ОО на СДСМ Охрид.