претседателот на СДСМ, Заев се сретна со амбасадорот на Република Аргентина, Џилермо С. Азрак

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев денеска се сретна со амбасадорот на Република Аргентина за Република Македонија, Џилермо С. Азрак.

Тема на средбата беше политичката криза и можноста за продлабочување на соработката со Аргентина за којашто успешен пример е гасификацијата на Струмица, каде што претседателот Заев е градоначалник.

Амбасадорот на Аргентина Азрак изрази почит кон определеноста на претседателот Заев кон изнаоѓање квалитетни решенија за граѓаните и за државата по демократски пат.

На средбата беше поздравена реализацијата на договорот од 2 /јуни – 15 јули што почна со законот за специјално јавно обвинителство и изборот на специјалната јавна обвинителка и беше изразено очекување дека сите страни ќе ја сфатат одговорноста на потпишаното и ќе придонесат кон запазување на роковите за реализација.

„Очекуваме финален договор за изборното законодавство. Ова е важно за сите и е една од гаранциите за фер и демократски избори“, рече претседателот Заев.

На средбата стана збор и за успешната соработка на Аргентина со општина Струмица во делот на енергетиката што резултира со успешно спроведена гасификација на градот, заштеди на парите на граѓаните, еколошки чиста средина. Изразена е надеж дека таа соработка ќе се продлабочи и во делот на земјоделството и производството на храна и дека ќе биде проширена во иднина.