Ново електронско помагало за наставниците и учениците

Министерството за образование и наука денеска промовираше електронско помагало, односно агрегатор на видео содржини www.eduvideos.mon.gov.mk, преку кој се презентираат наставни содржини, пренесе МИА.

Наставниците и учениците од основните и средните училишта, но и родителите, како што појасни заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски, може да споделуваат едукативни видео содржини поврзани со темите од наставните програми што се изучуваат.

„Овој систем обезбедува контролирано објавување и класифицирање на видео содржини. Секое доставено видео, кое може, но и не мора да биде сопствено, односно во авторска продукција на оној кој сака да го објави, подлежи на контрола од страна на тим во Министерството кој ја прегледува содржината и во согласност со стандардите кои важат во образованието одлучува дали видеото ќе биде објавено или не“, појасни Ристовски на денешната прес-конференција.

Основен предуслов, според него, е секој заинтересиран најпрво да се регистрира во системот со внесување на сите побарани податоци.

„Платформата на видео агрегаторот не ги меморира видео содржините, туку само линковите, односно содржините се преземаат и гледаат од оригиналните страници. При внесувањето на одредена содржина потребно е да се посочи видеото од некој од постојните портали да се опише неговата содржина во текстуален формат и да се класифицира во една од понудените категории“, истакна Ристовски.

На порталот, како што додаде, може да се поставуваат и видео содржини снимени при реализација на часовите, како нови лекции, план од помината наставна тема, изведување експеримент, решавање проблемски ситуации…

„На тој начин учениците можат полесно да го совладаат материјалот, односно да бидат поттикнати на размислување од она што е прикажано во видеото и самите да дојдат до одредени решенија и заклучоци“, додаде Ристовски.

На веб порталот во моментот има 954 видео содржини.