Градоначалникот Никола Бакрачески заедно со претставници на Општинскиот штаб за заштита и спасување и надлежните служби и јавните претпријатија, денеска ги посети поплавените подрачја и направи увид на на зафатите за итно санирање на критичните места.
„Имаме сериозини последици од обилните врнежи кои ноќеска паднаа од 90 до100 литри на метар квадратен. Штети има на неколку локации во градот и во селата.На улицата „Железничка“ има поплавени куќи веднаш под патот, кои се под вода поради ниската положба на земјиштето и малиот капацитет на одводните канали кои ја дренираат водата од поголемите канали кај реката „Грашница“ .
Сериозни проблеми со одрони од камења и свлечишта има во селото Велгошти кај училиштето каде е наведнат потпорен ѕид и има една бандера која е наведната и има опасност од прекин на електрична енергија.Екипи од јавните претпријатија „Охридски Комуналец“ и „Нискоградба работат“ на отстранување на оваа локација.
На потегот од хотелот „Метропол“ до центарот на Пештани има наноси. Има поголем нанос кај населбата „Елешец“ каде екипи на „Македонија пат“ РЕ „Водовод“- Охрид работат на расчистување на свлечиштето и ги отстрануваат наносите во центарот на Пештани.
Поплавени се и повеќе куќи во населбата „Далјан“ и на улиците „Стив Наумов“, Абас Емин“ и „Дејан Војвода“, каде години наназад има поплавување при поголеми врнежи“– рече градоначалникот Никола Бакрачески.
Екипи на локалната самоуправа со екипи од јавните претпријатија и противпожарната единица ги користат сите човечки ресурси и се ангажирани за да се отстранат последиците од невремето. Градоначалникот Бакрачески ги повика и приватните компании кои имаат механизација да помогнат за справување со оваа елементарна непогода. Дополнително, како што рече градоначалникот Бакрачески, ќе се вршат проценки на штетите, а сега најважно да се санираат критичните места како превенција од евентуални нови обилни врнежи. Каналите, како што беше речено, се чистени пред и по завршување на летото, но големите дождови и покрај расчистувањето ноќеска, не можеа да ја поднесат сета вода од врнежите.