Мигрантската криза беше главна тема на средбата на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, со Високиот комесар за човекови права на ОН, г. Зеид Раад Ал Хусеин, во Женева.
Во разговорите, македонскиот претседател истакна дека Република Македонија ги прави сите потребни напори за достојно прифаќање, транзитирање и испраќање на мигрантите.
„Како држава сочувствуваме со судбината на овие луѓе кои состојбите во нивните земји ги натерале да ги напуштат домовите. Затоа им излегуваме во пресрет и им помагаме за сето она што им е неопходно додека транзитираат низ Македонија, човековите права и достоинство се приоритет и затоа мора да бидат почитувани“ рече претседателот Иванов.
На средбата, македонскиот претседател изрази целосна поддршка и подготвеност за континуирана соработка, додавајќи дека нашата држава како членка на Советот за човекови права, дава активен и суштински придонес за натамошното профилирање на ова тело, како заштитник и промотор на универзалните човекови права насекаде низ светот.
Комесарот за човекови права г. Ал Хусеин ја реафирмираше подготвеноста за тесна соработка со Република Македонија и со претседателот Иванов во промоцијата на човековите права и оддаде признание за активноста и ангажманот на Република Македонија во Советот за човекови права, и генерално во целиот систем на ОН за заштита на човековите права.
Двајцата соговорници се согласиja дека одговорните политичари имаат морална и историска обврска одлучно да се спротистават на растечката ксенофобна, исламофобна и екстремистичка реторика коjа што станува се погласна во некои кругови ширум Европа.