Покрај ветените 40 градинки, следната година започнуваме со изградба на дополнителни шест нови и проширување на капацитетите за нови 500 деца, истакна синоќа премиерот Никола Груевски во интервју за телевизијата Канал 5.
Ние сме многу посветени на делот на градинки, нагласи премиерот и додаде дека тоа е дел од нивната поширока стратегија поврзана со демографијата, со наталитетот и е еден сегмент од сето тоа.
„Имаме план што секоја година го исполнуваме за отворање нови градинки, се разбира и за одржување на постојните. Во тој план, на пример за овој мандат предвидовме отворање 40 нови градинки, од кои 12 се отвораат оваа година, еден дел се отворија, дополнителни три треба да се отворат до крајот на годината. Тоа е во Радишани, во Пинтија, во Ѓорче Петров, и уште некои се при крај, некои ќе почнат сега што треба да се отворат следната година. Значи си имаме план кој секоја година го реализираме“, рече Груевски.
Покрај ова, тоа е планот по програмата на Владата, она што го имаме ветено кон граѓаните, потенцира Груевски, донесовме и дополнителна одлука и дополнителна програма за градба на државни градинки во деловни објекти што се во државна сопственост во Скопје.
Појасни дека според посебна програма, значи дополнителна програма од онаа што е ветена на граѓаните, се планира отворање нова градинка во периодот јули-август следната година, значи сега ќе почнат активностите, ќа е завршат јули-август следната година. Нагласи дека ќе се градат три градинки во општина Центар од кои едната ќе биде позади источната трибина на стадионот, Националната арена „Филип Втори“ каде што има огромен простор и каде што ќе има сместување за околу 250 дечиња, во Капиштец на ул.„Васил Ѓорѓов“, но и во други населби и општини во Скопје, во Козле, во Ѓорче Петров и повеќе, за коишто Владата изготвила специјална програма.
„Ги утврдивме точните локации и се на се во сите нив ќе бидат сместени голем број дечиња, над 500 и повеќе ќе добијат место и нивните родители каде да ги сместат децата. Значи работиме турбо на делот на отворање на детски градинки. Тоа е исклучително важна работа. Охрабруваме и многумина да отворат и приватни детски градинки“, рече Груевски.
Вчера, посочи министерот за труд најави дека се предвидуваат во иднина грантови за отворање приватни детски градинки од 10 илјади евра.
„Значи Владата ќе дава грантови од 10 илјади евра за оние што ќе сакаат да отворат приватни детски градинки, така што работиме и на државни детски градинки и помагаме да се отвораат и приватни детски градинки. Процентот на сместувачки капацитети во градинките е дуплиран и повеќе од тоа од времето кога дојдовме во Владата и се гледа дека Владата е посветена на тоа. Но, има уште многу простор, има уште многу што треба да се направи“, додаде премиерот Груевски.