Градоначалникот Бакрачески учествува на Израелската интернационална конференција на главни градови

Во рамки на работната посета во Израел, градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески вчера присуствуваше на свеченото отворање на 30-тата Израелска интернационална конференција на градоначалници што се одржа во хотелот „Кинг Давид“ во Ерусалим.

На конференцијата градоначалникот Бакрачески оствари средба со градоначалникот на Њујорк Бил де Блазио и со претседателот на Американско- Еврејскиот Конгрес, г-динот Џек Росен. Попладнето Бакрачески присуствуваше на церемонијата на полагање цвеќе во знак на сеќавање на жртвите од Холокаустот во Јад Вашем музејот во Ерусалим, а потоа и на говорот што во таа пригода го одржа градоначалникот на Њујорк .

Во текот на вчерашниот ден градоначалникот Бакрачески во Тел Авив оствари работна средба во двете водечки израелски компании во ИТ секторот Нес и Гет ( “Ness” ” Gett” ) , менаџерите Мајкл Зиндерман и Макс Красник. Работниот ден беше завршен со посета на најголемата компанија за менаџмент на отпадни води Штанг ( “Shtang” ) , којашто е од посебен интерес за Охрид и Охридското Езеро во поглед на заштита на водите и санација на колекторскиот систем.

Посетата на Израел продолжува денес во градовите Јокнем и Хаифа каде Бакрачески ќе оствари средби со градоначалниците на овие два градови и ќе посети неколку ИТ компании како и водечката светска компанија за дијагноза и третман на срцеви аритмии Биосенс Вебстер ( “Biosense Webster” ) .

Утре во рамки на конференцијата Бакрачески ќе се сретне со израелскиот Премиер Бенјамин Нетанјаху и градоначалникот на Ерусалим, Нир Баркат.