Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, се сретна со претставници од амбасадите на земјите од групата пријатели на Македонија во ЕУ, меѓу кои Шведска, Австрија, Словенија, Хрватска, Чешка и Словачка, предводени од амбасадорот на Чешка во земјава, Мирослав Рамеш.
На средбата се зборуваше за актуелната состојба во Република Македонија и европска перспектива на земјава.
Претставниците од амбасадите на земјите коишто се дел од групата пријатели на Македонија, изразија сериозна загриженост од прекршувањето на роковите предвидени во Договорот од 2 јуни / 15 јули.
Амбасадите на Чешка, Шведска, Австрија, Словенија, Хрватска и Словачка соопштија дека овие земји, членки на ЕУ, очекуваат целосна имплементација на Договорот од 2 јуни / 15 јули.
Дополнително, посочија дека исполнувањето на Договорот е од суштинско значење за европската иднина на Република Македонија.
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, се заблагодари за искрената помош од овие земји за Република Македонија и за сите нејзини граѓани.
Заев рече дека за СДСМ не постои друго решение освен целосно и доследно спроведување на Договорот од 2 јуни / 15 јули.
„Договорот мора да се почитува и целосно да се имплементира. Специјалното обвинителство мора да се комплетира. Министрите мора да ги имаат ингеренциите за да гарантираат остварување на целта за регуларни, слободни, фер и демократски избори на коишто граѓаните слободно ќе одлучуваат, а победникот ќе има полн легитимитет.“- рече Заев.
За СДСМ и опозицијата во земјава, интеграцијата на Република Македонија во ЕУ и НАТО нема алтернатива. Сметаме дека тоа е појдовна основа за подобра и сигурна иднина на Република Македонија, посочи претседателот на СДСМ, Зоран Заев.