Претседателот на СДСМ, Зоран Заев денес во изјава за медиумите истакна:
„Здравството тоне во нашата земја. Сé повеќе недостасува лекарски кадар. Сé повеќе има недостаток на опрема. Недостасуваат медицински материјали. Граѓаните сé повеќе плаќаат во оваа наша земја, а добиваат сé помалку и сé полоши услуги.
630 милиони евра се потрошени за споменици, а според европската здравствена служба, Македонија е најлоша во здравствената заштита во цела Европа.
Социјалдемократскиот сојуз заедно со граѓаните гради платформа со којашто тврдиме дека состојбите во Македонија можеме да ги промениме во секое поле, така и во здравствената заштита. Имаме намера да ја укинеме партиципацијата за децата до 16 години, а секако, да ја укинеме партиципацијата и за социјално загрозените личности во нашата земја.
Истовремено, мора да го подигнеме квалитетот на работа на лекарите и во делот на условите и во делот на финансиските приходи коишто лекарите како причина ги издвојуваат за нивното заминување од Македонија.
Мораме да создадеме општество во коешто ќе има еднакво достапна здравствена заштита за сите граѓани во оваа наша земја.
Јас тврам дека градејќи ја оваа платформа заедно со граѓаните, ќе изградиме општество со коешто сите ќе се гордееме.“- изјави Заев.