Република Македонија со штанд претставуван од Управата за заштита на културното наследство (УЗКН) учествува на 19. Медитеранска берза за археолошки туризам, која од 29 октомври до 1 ноември се одржува во Салерно, Италија.
„Туроператори од цел свет се интересираат за Македонија како туристичка дестинација а, исто така, македонското културно наследство е привлечно за странските универзитети, министерства, музеи и други институции“, информира УЗКН.
На штандот може да се добијат промотивни материјали, како видеа, флаери, постери.., а се презентирани и првите десет публикации од новиот проект за македонското културно наследство – за средновековните сакрални споменици: црквата Св. Пантелејмон во Нерези, манастирот Зрзе и Шарената џамија во Тетово, и седум публикации за археолошки локалитети: Старо Бонче, Скупи, Скопско Кале, Цареви Кули, Стибера, Хераклеја Линкестис и Тетовско Кале.
На саемот учествуваат земји од цел свет, меѓу кои Русија, Хрватска, Азербејџан, Бугарија, Грција, Турција, Јордан, Тунис, Узбекистан, Малта, Кипар, Венецуела, Израел, Естонија. Оваа година земја во фокус е Индија.
На еден од најпознатите археолошки европски саеми годинава присуствуваат проф. д-р Виктор Лилчиќ-Адамс, директор на Управата за заштита на културното наследство, Весела Честоева, директорка на НУ Археолошки музеј на Македонија, како и претставници од Управата.