Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во рамки на официјалната посета на Државата Ватикан, имаше аудиенција кај поглаварот на Римокатоличката црква, Неговата светост папата Франциск.
Претседателот Иванов и папата Франциск за време на речиси 40-минутната тет-а-тет средба, договориле тајните архиви на Ватикан да бидат отворени за нашите истражувачи.
„Конечно, тајните архиви на Ватикан се отворени за нашите истражувачи. Значи, во најскоро време двајца наши истражувачи можат да дојдат да го истражуваат сето она што досега не ни било достапно“, изјави претседателот Иванов по аудиенцијата.
Тој информира дека разговарале за многу прашања од заемен интерес, актуелни кај нас, но и во Европа и светот.
„Извонредна посета исполнета со многу прашања од заемен интерес. Со Папата разговаравме и за прашања кои се актуелни како кај нас, но и во Европа и светот, оти неговата улога во денешно време, кога цивилизацијата се соочува со бројни предизвици, тој како личност настојува да се продлабочи мирот и да се шири идејата за она што е вредност негувана во христијанството и другите религии“, рече претседателот Иванов.
На средбата било разговарано и за актуелната состојбата со мигрантите и бегалците и за начинот на кој досега се реагираше за да се излезе во пресрет на сите тие луѓе. Станало збор и за прашањето за името и од каде потекнуваат сите наши блокади и отворени прашања.
„Пројавениот интерес лично од страна на Папата и за прашањето за името и за актуелните состојби кај нас и во регионот кажува дека ги следи сите настани и е заинтересиран каде што може да придонесе“, изјави претседателот Иванов.
Претседателот Иванов на папата Франциск му подари сребрен филигрански крст со македонски рубини.
По аудиенцијата, македонскиот претседател оствари средба со државниот секретар на Светиот Престол, кардиналот Пјетро Паролин, на која имаа коструктивен разговор за сите прашања што се однесуваат на односите меѓу Македонија и Ватикан.
„Соработката, која и досега постои, ќе се продлабочи во сферата на образованието меѓу нашите два универзитета, меѓу академиите на Македонија и Ватикан, но и во можноста во здравствените установи на Ватикан, каде што има наши дечиња кои се третираат од тешки болести, да продолжат да се усовршуваат наши лекари“, рече претседателот Иванов.
Со државниот секретар ги разгледале сите прашања што се поврзани со билатералните односи и притоа му ја врачи поканата идната година да ја посети Македонија, кога слави 1.100 години од упокојувањето на големиот ученик на светите Кирил и Методиј, нашиот патрон Свети Климент Охридски.
„Посакуваме да дојде до тоа чествување кое ќе биде во текот на целата година. Секогаш кога се остварува посета на државен секретар на Ватикан на некоја земја тоа на некој начин значи вовед во подготовка на посетата на Папата на таа земја“, истакна претседателот Иванов.
На средбата станало збор и за можна канонизација на Мајка Тереза, која би требало да се реализира догодина.
Иванов во оваа пригода го најави и поставувањето спомен плоча за светите браќа Кирил и Методиј во понеделник во црквата Санта Марија Маџоре во Рим, негова неколкугодишна иницијатива.
„По неколкугодишен заеднички напор, мој и на Папата, се овозможи да ја имаме можноста да искажеме благодарност од македонскиот народ за чинот што е случен во Рим, во црквата Санта Марија Маџоре. Како што е познато, во тој храм првпат се осветени светите книги кои се преведени на старословенски јазик и на тој чин Папата ги осветува книгите кои ги донеле Кирил и Методиј. Кога видов дека другите народи искажале благодарност, ја покренав иницијативата пред неколку години да ни се овозможи нам, како македонски народ, да поставиме спомен-плоча во која ќе искажеме благодарснот за тој чин,“ појасни Иванов.
Инаку, ова е шеста негова посета на Ватикан, а прва официјална на македонски претседател на Ватикан. Сите досегашни посети беа на денот на Свети Кирил и аудиенција на Папата во склоп на свеченостите поврзани со Свети Кирил.
„Ова е прва официјална посета која следува по 20 години воспоставени дипломатски односи и извонредните односи што ги гаиме со Ватикан во сферата на културата, образованието и здравството и архивското работење“, истакна претседателот Иванов.