СДСМ со соопштение до медиумите, во кое стои:
„Според извештајот „Зелен раст“ на Светска банка за 2014 година, Македонија е на прво место на листата за изложеност на граѓаните на загаден воздух со цврсти честички.
Дополнително, Светка банка наведува дека Македонија е на петто место според годишните смртни случаи предизвикани од загаден воздух, односно од честичките ПМ 10.
Сознанијата на Светска банка упатуваат на тоа дека цврстите честички се најголемата причина за повеќе од 1.350 смртни случаи годишно во Македонија, поради предизвикување на различни болести на дишните патишта па дури и рак.
Власта во заминување е директен виновник за состојбата со животната средина во Македонија.
Проблемите со загаденоста на животната средина се крајно загрижувачки и го земаат најскапиот данок-човечкиот живот.
СДСМ знае како да ги промени состојбите со огромна загаденост на воздухот и животната средина. СДСМ, во платформата, има конкретни мерки како Македонија да има здрава средина за здрав живот на граѓаните.
За подобрување на квалитетот на воздухот воведуваме систем на мерки што ќе вклучува континуиран мониторинг на индустриските капацитети, финансиска поддршка при воведување ефикасно користење на енергија и системи за намалување на емисии во воздухот. Ќе поттикнуваме поголема употреба на природен гас, особено во домаќинствата, индустријата, при производство на топлина.
Целосно решавање на проблемите со дивите депонии и мерки за справување со индустрискиот, медицинскиот и отпадот од животинско потекло.
Ќе го подобриме статусот на површинските и подземните води и ќе го зголемиме процентот на заштитени подрачја.“– стои во соопштението.
Вечерва, во големата сала на советот на општина Велес, ќе се одржи дебата од проектот Визијата за Македонија на тема „Чиста животна средина“.
На темата ќе се обратат: генералниот секретар на СДСМ, Оливер Спасовски, потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски, претседателот на Комисијата за животна средина, Пеце Мирчевски и претседателот на Комисијата за енергетика, Митко Андреевски.
Потоа ќе биде отворена дебата со присутните.