Во рамките на Вториот форум за културна соработка меѓу Народна Република Кина и земјите од централна и од источна Европа, кој се одржува во Софија, денеска беше потпишана Програма за културна соработка меѓу Министерствата за култура на Република Македонија и на Република Бугарија за периодот 2015-2017 година. Оваа програма за културна соработка е од исклучителна важност, бидејќи таа претставува правна рамка за уште поголемо продлабочување на културните врски помеѓу Република Македонија и Република Бугарија, кои негуваат одлични односи во сите области од културата. На средбата беше истакнато дека двете земји континуирано реализираат бројни активности и проекти од сите сфери, а институционалната соработка помеѓу двете држави е на високо ниво.
Министерката за култура на средбата информираше и за капиталните инвестиции кои се реализираат во Република Македонија, а својот соговорник го запозна и со стимулативните мерки во повеќе области од културата, меѓу кои и со Конкурсот за странски издавачи, во чии рамки се поддржани преводи на бугарски јазик на повеќе значајни дела од македонската книжевност.
Двајцата соговорници ја подвлекоа важноста на Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија, каде што во изминатите десет години се реализираа повеќе од 180 проекти преку кои се промовираше македонската култура во оваа земја.
Министерката за култура на средбата го реафирмираше интересот на Република Македонија за поинтензивна промоција на македонските уметници и повидливо присуство на македонската култура во рамките на манифестацијата „Пловдив – европска престолнина на културата за 2019 година“.
Во рамките на Вториот форум за културна соработка меѓу Народна Република Кина и земјите од централна и од источна Европа, министерката за култура денеска имаше и официјално обраќање на панел-дискусијата на тема „Актуелните предизвици во управувањето со културното наследство и размената на културните добра“, каде што ја истакна важноста на градењето на долгорочни политики и стратегии кои ќе резултираат со интегриран пристап во заштитата и промоцијата на културното богатство. Во таа насока, министерката за култура, го нагласи и значењето на соработката и реализацијата на проекти и иницијативи со клучните партнери во регионалните и глобалните процеси, но ја потенцираше и важноста на воспоставувањето интензивна размена на проекти и искуства и со Народна Република Кина која е стратешки партнер и пријател на Република Македонија и на останатите земји од централна и источна Европа.
Министерката за култура информираше и за заложбите на Владата на РМ и на Министерството за култура во областа на заштитата на културното наследство, за изградбата на музеи и активностите во музејската дејност, како и за презентацијата и промоцијата на највисоките вредности на македонското културно наследство и на уметничкото творештво во меѓународен контекст.
Во програмата на Министерството за култура, до крајот на годинава, во бугарската метропола се предвидени повеќе гостувања на македонските институции и уметници, меѓу кои и претставувањето на ликовното творештво на реномираниот македонски уметник Глигор Чемерски, гостувањето на Театарот Комедија кој ќе изведе две претстави во Сатиричниот театар „Алеко Константинов“, промоцијата на македонската книжевност на Меѓународниот саем на книгата, како и многу други проекти и активности.