Во исклучително конструктивна и пријатна атмосфера, денеска во рамките на Форумот за културна соработка меѓу Кина и државите од централна и од источна Европа, кој се одржува во Софија, Република Бугарија, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска оствари билатерална средба со министерот за култура на Народна Република Кина, Луо Шуганг. На средбата, министрите за култура силно ја изразија големата желба и волја за понатамошно продлабочување на релациите во областа на културата меѓу двете земји, кои и досега се на исклучително високо ниво.
Министерот за култура на НР Кина, Луо Шуганг, ја истакна отвореноста и подготвеноста да помогне за уште поголема афирмација и промоција на македонската култура во оваа земја преку присуство на проекти и гостувања на македонски уметници на значајните манифестации во НР Кина, како и присуство на наши експерти на Форумот за креативни индустрии, на Конференцијата за недвижно културно наследство која во 2017 година ќе се одржи во НР Кина, како и други активности.
На средбата беше истакната и важноста на одржувањето на Форумот за културна соработка меѓу НР Кина и државите од централна и од источна Европа во чии рамки наредниот период ќе се реализираат многубројни активности преку кои ќе се зацврсти соработката меѓу државите, меѓу кои: размена на менаџери на институции кои ќе имаат можност да се запознаат со управувањето на установите во Кина; проекти за размена на уметници од областа на музичко-сценската дејност, размена на композитори, ликовни автори; учество на уметници на летен камп за танц и многу други иницијативи.
На средбата стана збор и за идејата за формирање центар за соработка меѓу Народна Република Кина и државите од централна и од источна Европа преку кој би биле координирани сите активности за продлабочување на односите меѓу овие држави.
Министерката за култура Канческа-Милевска на средбата информираше дека кинеската култура е видливо присутна во Република Македонија преку многубројни содржини кои се реализираат во Институтот „Конфуциј“, во Кинеското катче кое е сместено во НУБ „Св. Климент Охридски“, а голем е бројот и на гостувањата кои наидоа на одличен прием кај македонската публика, како што се: настапот на кинескиот Младински национален оркестар од Пекинг, изложбата на уникатни везени ракотворби од кинеската област Чианг, настапот на уметниците од Кинеската национална опера и Театарот за танцова драма и други активности. Исто така, и македонската култура видливо е присутна со голем број активности кои се презентираат во НР Кина, меѓу кои и реализацијата на манифестацијата „Денови на македонската култура во Кина“ преку која во 2011 година кинеската културна јавност имаше можност да се запознае со репрезентативното македонско фолклорно и уметничко творештво и наследство, потоа гостувањето на Битолскиот театар во Пекинг со претставата „Хенри Шести“ и многу други содржини.
Министрите за култура се договорија и во најкус можен рок да разменат нацрт-програма со конкретни содржини и активности преку кои македонската култура ќе биде претставена во НР Кина, но и кинеското творештво ќе се презентира пред македонската јавност.
На крајот од средбата, министрите за култура ја истакнаа отвореноста за поддршка на сите иницијативи и изразија уверување дека пријателските односи и одличната соработка во областа на културата меѓу двете земји ќе продолжат да се засилуваат и да се продлабочуваат со уште понагласена динамика во наредниот период.