Груевски: Почнуваме заедно со граѓаните да ја пишуваме новата програма

Денес почнуваме заедно со граѓаните да ја пишуваме новата програма. Посакувам бомбардирање со идеи на кои силно ќе се посветиме и ќе се фатиме во костец да ги реализираме истите. Не ветуваме чуда, ветуваме макотрпна работа, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

„Нашата програма граѓаните ја чувствуваат како своја бидејќи знаат дека се што во неа ќе биде реализирано. Како резултат на барањата и идеите на граѓаните досега се реализирани многу проекти во сите градови во Македонија. Денес треба да се стремиме кон напредок“, додаде Груевски кој денес побара граѓаните да бидат дел од програмата на ВМРО-ДПМНЕ за парламентарните избори 2016-2020.

Претседателот на владејачката партија потенцираше дека и оваа програма ќе биде реална како што се сите претходно.

„Противници ќе ветуваат чуда, но народот е мудар и знае да разликува што е остварливо, а што не. Знае да разликува и кој држи до зборот. Ние оставаме за нас да говорат делата. Тргнуваме во нов циклус, во нов поход за нови идеи. ВМРО-ДПМНЕ е сервис на граѓаните“, додаде премиерот.

Тој најави дека четири тима ќе поминат низ цела Македонија и од секаде ќе собираат идеи од граѓаните, а воедно додаде и дека како партија повторно ќе започнат со трибини.

„Со народот и со екпертите ќе ја пишуваме програмата. Тоа ќе е нашиот нов успех“, потенцираше Груевски.