Канческа-Милевска се сретна со дел од учесниците на 45. издание на Фестивалот „Златно славејче“

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска се сретна со дел од учесниците на Фестивалот за детски песни „Златно славејче 2015“ кој оваа година го слави својот 45-годишен јубилеј.

На средбата присуствуваа директорот на Фестивалот Бобан Јосифовски, десет деца од хорот „Златно славејче“ и детските изведувачи Трајче Георгиев, Марко Бошњак од Босна и Херцеговина и Јован Алексиќ од Црна Гора. 

„Ја следиме вашата музика, вашите песни преку најразлични манифестации. Нешто што е највредно е негувањето на уметноста, а за да си уметник, пејач треба да имаш специфичен глас кој вие го имате. Тој глас треба да го негувате, надградувате и да се образовате во таа насока. Уметноста и културата се најсилниот аргумент за една држава и сите деца овде ги гледам како наши големи уметници во иднина “- рече Канческа-Милевска. 

Министерката за култура истакна дека овој фестивал е најреномирана манифестација  во делот на детската музика и детските композиции и додаде дека континуирано го поддржуваат Фестивалот.

„Златно славејче“ е фестивал кој зад себе остави голема продукција на македонски детски композиции, над 800 и 900. Од овој фестивал произлегоа многу наши истакнати уметници, препознатливи, светски, вклучувајќи ги Симон Трпчески, Калиопи, Тоше Проески, Ана Дурловски… – рече Канческа-Милевска и потенцираше дека поддршката на Фестивалот ќе продолжи и во иднина.

Таа го истакна придонесот на еден од главните творци на Фестивалот, композиторот и диригент Александар Џамбазов, кој долги години ја имаше улогата на уметнички директор. Му се заблагодари и на актуелниот раководител Бобан Јосифовски за неговите досегашни заложби и активности.

Minister_naslovna_640

Со Законот за поддршка на македонската домашна продукција, преку конкурсите кои ги објавува МРТ, за минатата година беа поддржани 29 детски композиции на сите четири конкурси. Оваа година на објавените три конкурси се финансирани 19 детски песни, а од четвртиот се чекаат резултати.

Јосифовски потенцираше дека на годинашниов фестивал имаат прекрасни гости, деца кои значат нешто на Балканот и се гледани преку социјалните мрежи.

„Задоволство, чест и гордост е да се раководи една институција која е, пред се, хуманитарно-воспитна и да се работи со прекрасни, талентирани деца, членовите на хорот „Златно славејче“ кои се мали уметници, преодговорни и многу совесни “– рече Јосифовски и изрази задоволство што првпат македонски бренд, како што е „Златно савејче“, полни три сали во СЦ „Борис Трајковски“.

Тој најави дека по повод 45-годишниот јубилеј на 23 декември во Македонскиот народен театар ќе има гала концерт на кој ќе настапат дел од поранешните „славејчиња“.

Најстариот и најпопуларен фестивал за детски песни во нашата држава почна вчера во Спортскиот центар „Борис Трајковски“, а ќе трае до утре. Годинава на сцената настапуваат и милениците на помладата публика Даниел Кајмаковски и Давид Темелков.

Minister_640_-2