По шести пат избор на „Најдобар млад научник“ на иницијатива на претседателот Иванов – огласот трае до 31 декември

Во тек е Јавниот повик за избор на „Најдобар млад научник” за 2015 година, признание што шеста година по ред го доделува Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов.

Јавниот повик за избор на „Најдобар млад научник” за 2015 година е отворен до 31 декември за сите млади луѓе до 30 години, кои во досегашната научна работа имаат постигнато научни резултати што придонесуваат за позитивен развој на општеството и околината во која живеат и работат.

Услов за конкурирање на заинтересираните е да имаат добиена меѓународна награда, меѓународно или домашно признание за научно-истражувачка дејност, резултатите од научното истражување да биле објавени во релевантно домашно или меѓународно списание и да имаат своја применетост.

Проектот „Најдобар млад научник”, инициран од страна на претседателот Иванов, има за цел да го поттикне развојот и да ги стимулира вложувањата во науката, да ги поддржи научните установи и младиот научен кадар, но и да ги награди врвните научни достигнувања.

„Нашето досегашно искуство покажува дека во Република Македонија постои голем потенцијал на млад науноистражувачки кадар, посветен на научната мисла и дејност. Оттаму, ги повикувам и охрабрувам сите млади истражувачи да аплицираат на јавниот повик, со цел нивниот успех да биде препознаен”, вели проф. д-р Атанас Кочов, декан на Машинскиот факултет во Скопје и претседател на Комисијата за признанието „Најдобар млад научник”.

Според Кочов, радува фактот што бројот на апликанти постојано се зголемува и изрази очекување трендот да се задржи и оваа година.

Признанието „Најдобар млад научник” беше прв пат доделено од страна на претседателот Иванов во 2010 година, на м-р Никола Златанов, докторант на Универзитетот на Британска Колумбија, Канада.

Во 2011 година признанието му беше доделено на д-р Трифче Сандев, кој своето високо образование го има стекнато на Институтот за физика, на Природно-математичкиот Факултет – Скопје, каде и ја одбрани неговата докторска теза.

Во 2012 година признанието „Најдобар млад научник” беше доделено на д-р Катерина Бачева, која своето високо образование го има стекнато на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет.

Во 2013 година признанието го доби м-р Петар Стојанов, биоинформатичар кој во Броуд Инститјут, Бостон, САД се занимава со биоинформатичка анализа на генетските промени кај малигните заболувања.

Носител на признанито „Најдобар млад научник” за 2014 година е м-р Даниел Денковски, кој работи на полето на електротехника и информациски технологии.

Апликацијата за учество на јавниот повик треба да содржи биографија, реализирани проекти во 2015 година со кои се конкурира и доказ за државјанство на Република Македонија.

Заинтересираните своите документите треба да ги достават до Кабинетот на Претседателот на Република Македонија најдоцна до 31.12.2015 година.

nmn2015