Одржани работни состаноци за Суперкупот 2017

Изминатата недела во „Куќата на фудбалот“ беа одржани два работни состаноци во врска со организацијата на СУПЕРКУП финалето на УЕФА 2017 година кое го организираме на Националната арена „Филип Втори“ во Скопје.

По одлука на Влада на Р.М. е формирано тело/работна група со претставници од Фудбалската федерација на Македонија, канцеларија на Влада на Република Македонија, Министерство за внатрешни работи, Министерство за финансии, органот во составот на Министерсто за финансии – Царинска управа на Република Македонија, Министерство за транспорт и врски, Министерство за правда, Министерство за економија, Министерство за здравство, АД за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за републиката, Агенција за аудио и аудиовизуелни услуги, Државен завод за индустриска сопственост, Град Скопје, Државен пазарен инспекторат и претставници од ТАВ Аеродром Скопје.

Главна тема на состаноците кои во следниот период ќе се интензивираат е Националната арена „Филип Втори“, презентација на стратешките аспекти во врска со организацијата на СУПЕРКУПОТ 2017, договарање на активности кои ќе бидат преземени од град Скопје и АД за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за републиката согласно Акцискиот план за отстранување на недостатоците на Националната арена „Филип Втори“ во Скопје.

„Во периодот од 01. до 04. декември делегација на Уефа по втор пат ќе го посети нашиот главен град, а главниот фокус на посетата е ново скенирање на фактичката состојба на Националната арена „Филип Втори“, просторот околу стадионот (пристап, паркинг) и давање препораки во која насока треба да се одвива модернизацијата. Исто така, ќе се разговара и ќе се разгледуваат можности за одредување фан зони во градот, места и услови за јавно гледање на финалето. Во деновите од посетата на претставниците на Уефа планирани се состаноци со работната група одредена околу организацијата на големиот настан“, – изјави Филип Поповски, генерален секретар на Фудбалската федерација на Македонија.