Иванов: НАТО да ги има предвид новите безбедносни закани и гео-политички аспекти за членството на Македонија

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, побара од генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, најголемата воено-политичка организација на светот да ги има предвид новите безбедносни закани и гео-политички асппекти и Алијансата да не го игнорира меѓународното право и пресудата на Меѓународниот суд за правда во однос на Македонија.

„Оваа средба со генералниот секретар на НАТО е во време кога има многу предизвици, како за нашата земја и регион, така и за НАТО. И Алијансата се соочува со големи предизвици, денот е исполнет со активности што ги има генералниот секретар во однос на новата состојба што ја имаме во Сирија”, посочи претседателот Иванов по средбата со Столтенберг.

Македонскиот претседател нагласи дека му ги пренел на Столтенберг сите очекувања што Македонија ги има како земја-кандидат за членство во НАТО, а во однос на претстојниот министерски состанок што Алијансата ќе го одржи во декември, како и НАТО-самитот во Варшава идната година.

„Имаме нова реалност и мора таа нова реалност да се почитува. Имаме поместување на гео-политичките состојби во светот, се јавуваат нови предизвици и кога ќе се носат одлуките на Самитот во Варшава идната година, НАТО треба да ги земе предвид сите овие нови околности. Исто така, Алијансата треба и конечно да ја почитува пресудата на Меѓународниот суд од Хаг, бидејќи слушаме како НАТО постојано повикува дека треба да се почитува меѓународното право и превземените обврски, па сето тоа треба да важи и за Македонија”, посочи претседателот Иванов.

Претседателот на Република Македонија во изјава за медиумите информираше дека му упатил покана на генералниот секретар на НАТО да ја посети Македонија и да се увери во сето она што му го пренел. „Да ја види актуелната состојба со бегалците, иако НАТО сега не е вклучен во сето тоа, сепак да види што се се случува во овој период и кој се не проаѓа низ македонската територија”, посочи претседателот Иванов.

„Отсекогаш нашиот простор бил оној што го поврзувал Блискиот Исток, Азија и Европа. Затоа, ја повторив мислата дека зарем требаше да дојдат бегалците за да им укажат кој е најфрекфентниот, најстратешкиот и кој правец е најдоминантен во овој дел од Еврпоа и во светот”, дециден е претседателот Иванов.

Претседателот Ѓорге Иванов истакна дека Столтенберг му посочил оти ја следи состојбата во Македонија, знае за сите фрустрации што ги имаат македонските граѓани и оти знае за 16-те Акциски планови за членство (МАП) што Македонија ги има завршено позитивно и дека земјата е секогаш активен чинител и учесник во сите иницијативи и акции што ги превзема НАТО, во однос на тоа што досега го имаше нашата армија како учества и во Ирак и во Авганистан.

„Но, состојбите во светот се такви какви што се и мора постојано да се соочуваме со овие предизвици и да се подготвуваме за новите предизвици. Затоа, тој кажа што се НАТО и помага на македонската Армија, со сите тренинзи и обуки и сета поддршка што ја дава за да можеме ние како држава и нашата Армија, која е долго кандидат за членство во НАТО, да може да се справува со предизвиците и да влијае на општата безбедносна состојба во поширокиот регион”, потенцираше претседателот Иванов.

Сепак, македонскиот претседател беше реален дека Јенс Столтенберг, како генерален секретар на Алијансата, мора да ги пренесува ставовите на земјите-членки на НАТО, а оти Македонија како кандидат се уште не е на истата маса за да ги спротивставиме сите аргументи што ги даваат земјите-членки во наше отсуство.

„Знаеме дека многу земји-членки на НАТО, што не се пријателски расположени кон Македонија, создаваат многу погрешна претстава и сосема погрешни впечатоци кај другите НАТО-членки, без да се има предвид реалноста која постои и колку се обидуваме да ја менуваме истата во позитивна смисла”, истакна претседателот Иванов.

Претседателот Иванов изјави дека на средбата не станало збор за зголемување на бројот на македонските војници во мисиите на НАТО ширум светот, бидејќи тоа е на ниво на министри и за тоа разговараат македонските министри со Алијансата.

„Македонија, досега тоа што го имаше и го оствари и завршува мисијата во Авганистан и сега Алијансата се префрлува на нов начин на активности во Авганистан”, изјави претседателот Иванов.

Со оваа средба со генералниот секретар на НАТО, претседателот Ѓорге Иванов ја заврши дводневната работна посета на Брисел во рамки на која во текот на вчерашниот ден се сретна со првиот потпретседател на Европската комисија, Фрнас Тимерманс, со кого главна тема беше бегалската криза и помошта што Македонија ја очекува од Европската унија за справување со истата.

STOLTENBERG_2_cr STOLTENBERG_4 STOLTENBERG_7