Заев: Груевски призна пораз на сите негови политики

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев денес одржа прес-конфернција на која истакна:

„Никола Груевски и официјално призна целосен пораз на сите негови политики во изминатите 10 години.

Расипничките и недомаќински политики на Никола Груевски, без економски концепт и визија за развој на земјата, ја доведоа државата во ситуација да мора да се задолжува за да обезбеди пари за плати, пензии, социјална помош, капитални инвестиции…

Падна во вода целиот виртуелен свет на лажни економси успеси што Никола Груевски со години го креира преку медиумите под негова контрола, скапо платени со народни пари.

Лошата состојба во економијата, со години наназад беше виртуелно, лажно претставувана како втора во Европа, 12 во светот.

Од вчера, граѓаните, компаниите, работниците, лекарите, земјоделците, професорите, сите знаат за целосниот колапс на економските политики на Никола Груевски. Ако воопшто може да се наречат како економски политики.

Никола Груевски ја доведе Македонија пред банкрот, доколку земјава постојано не се задолжува.

Во изминатите 10 години, Груевски потроши 25 милијарди евра од Буџетот, пари на граѓаните, а ја доведе државата во ситуација да не може да исплати плати и пензии.

Каде се парите на граѓаните коишто со години плаќаат даноци и други давачки?

Како е можно да нема пари за плати и пензии а да се потрошат 630 милиони евра за споменици?

Ако нема пари за плати и пензии тогаш Никола Груевски нема што да чека, веднаш треба да престане со непродуктивните трошења на парите, како за LED телевизори од 1 милион евра на пример.

Виртуелната реалност на Никола Груевски е далеку од вистината којашто е поразителна:

Над 180.000 граѓани во Македонија живеат со по 40 денари на ден.

Над 500.000 граѓани во Македонија живеат на работ на сиромаштијата.

Секоја трета фирма во Македонија е со блокирана сметка а затоврени се над 10.000 фирми.

Македонија е на дното по странски инвестиции во Европа.

Поради „дил-ориентед“ политиките на Никола Груевски ¼ од граѓаните се иселиле од Македонија, а според некои извештаи 626.312 граѓани заминале од земјава, пред се млади, образовани луѓе.

Додека граѓаните осиромашуваа Никола Груевски мислеше на провизиите, парцелите на Водно, мерцедесот од 600 илјади евра, очилата од 60 илјади долари…

Затоа денеска нема пари за нови болници, училишта, градинки, нема пари за војниците на границата, за лекарите, нередовно се исплаќаат субвенции…

Наместо нови фабрики и отворање работни места има празни ливади со нула работни места. Корупцијата во изминатите години однесе многу работни места и избрка многу потенцијални инвеститори.

На Македонија и се потребни промени. Секој ден што Никола Груевски го поминува на позицијата во власта значи се поблиску доближување на Македонија до банкрот.

Почитувани граѓани,

Со парите од еврообврзницата се обезбедија пари за плати, пензии, социјална помош и други трансфери. СДСМ не дозволи Груевски да ја загрози редовната исплата на основните потреби на граѓаните.

Сите граѓани коишто чесно работат и си ја заработиле платата, пензијата, мора да ја добијат, не зависат граѓаните од волјата на Никола Груевски.

СДСМ нема да дозволи банкрот на државата. Но, исто така СДСМ нема да дозволи „чоколади“ за корупција и изборна измама.

Нормализацијата на институциите и враќањето на контролата кај граѓаните ќе гарантира почитување на законот и уставот.

Секој којшто ќе се обиде со изборна коруцција, закани, уцени, притисоци или на било кој друг начин да влијае на загарантираното право на граѓаните за гласање по слободна волја на изборите, ќе понесе одговорност согласно законот. А законот предвидува и затворски казни од неколку години.

На Република Македонија потребна и е нова економска политика, нов економски концепт за фер прераспределба на доходот, намалување на задолжувањето и враќање на средната класа.

Веќе на дело СДСМ покажа како ќе управува со јавните финансии, транспаретно, одговорно, во интерес на граѓаните и идните генерации.

На програмскиот конгрес на СДСМ, на 13-ти декември, заедно со граѓаните ќе ја објавиме новата економска програма за иднината на успешна, напредна, европска Македонија!

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија има знаење, има стручни кадри, има визија како да ја извади земјата од овој вртлог на постојано задолжување, како да ја крене економијата и да ја придвижи напред.

На Македонија и е потребна нова влада предводена од СДСМ и тоа ќе се случи на 24-ти април.

Заедно ќе ја изградиме Македонија, како едно општество за сите!“- истакна Заев.