Јолевски: Сите млади лица да се пријават на конкурсот за пилоти

Министерот за одбрана, Зоран Јолевски, во рамките на денешниот „Отворен ден“ во Центарот за обука на пилоти во касарната во Петровец ги повика сите млади лица до 27 години кои се мотивирани да станат идните пилоти во Армијата на Република Македонија, да се пријават на отворениот конкурс.

Овој центар, кој е заеднички проект со израелската компанија „Елбит“ е еден од најквалитетните центри од овој тип во светски рамки, рече министерот Јолевски. Тој посочи дека процесот на селекција е целосно објективен и се темели единствено на покажаните способности преку серијата тестирања на заинтересираните кандидати.

Министерот Јолевски посочи дека кандидатите кои поминуваат низ обуката која трае година и половина немаат никакви финансиски трошоци, а по завршувањето на обуката се распоредуваат во рамките на сквадроните во Армијата на Република Македонија и се стекнуваат со звањето воен пилот.

Во рамките на Центарот за обука на пилоти, обуката се реализира на авионите „Злин“ и хеликоптерите „Бел 206“. Дел од центарот се и два најмодерни симулатори на хеликоптерите Ми-8/17 и Ми-24.