Честитка од претседателот Иванов по повод празникот Св. Климент Охридски

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод празникот Св. Климент Охридски упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.

Ваше Блаженство,

Дозволете ми, Вам лично, до сите верници од православна вероисповед, до членовите на Светиот архиjерејски синод и до целото свештенство и монаштво, да упатам искрени честитки по повод големиот христијански празник посветен на свети Климент Охридски.

Свети Климент е основоположник на Охридската книжевна школа, чии ученици станаа учители на словенскиот свет. Од тогаш, па сè до денес, неговото дело е вградено во секоја буква што ќе ја напишеме и во секој збор што ќе го изговориме. Просветлувајќи нè, тој ни даде голема творечка и духовна слобода и ни остави богато духовно и културно наследство со кое ретко кој народ може да се пофали.

Учејќи нè на универзалните вредности и принципи на солидарност и хуманост, св. Климент нè повикува „да се обновиме со добрина и со чистота, и животот да ни биде достоен по светост, а не само по име да се нарекуваме христијани”.

Наредната 2016-та година треба да мине во знакот на одбележувањето на 1100-годишнината од упокојувањето на св. Климент Охридски. Сеќавајќи се на нашиот голем народен светител и учител, треба да останеме достојни на неговото наследство. А тоа ќе го постигнеме ако, во сè што правиме се престигнуваме во добрина.

Како чувар на споменот и наследството на св. Климент Охридски, Македонската православна црква – Охридска архиепископија има постојана задача да биде глас на мирот и добрата мисла, утехата и надежта во Република Македонија.

Честит празник и за многу години.“– стои во честитката.