Тунтев: Гасификација на Охрид – еден од најзначајните проекти на Сојузот за иднината

На денешната прес-конференција коалицијата Сојуз за иднината го промовираше еден од најзначајните проекти што ќе ги реализира локалната самоуправа, проект за гасификација на Охрид.

„Енергијата е еден од основните предуслови за развој на економијата, за создавање на здрава и предвидлива бизнис клима за инвеститорите, за зголемување на нивото на странските директни инвестиции и најбитно од се за реално подобрување на животниот стандард на граѓаните. Владата на ВМРО-ДПМНЕ енергетската иднина на РМ ја направи сосема неизвесна. Над 30% од потребите за потрошувачка на електрична енергија се задоволуваат преку увоз. Во изминатите 10 години за увоз на електрична енергија РМ потроши безмалку една милијарда евра“. – истакна кандидатот за советник Томислав Тунтев.

Според Тунтев, покрај енергетската неизвесност, континуираното покачување на цената на струјата и на другите енергенси има катастрофално влијание врз конкурентноста на македонската економија и на стандардот на граѓаните. Употребата на евтини и еколошки чисти енергенси треба да биде примарна задача на секоја одговорна власт, како од аспект на потребите за пораст на животниот стандард на граѓаните, така и од аспект на заштита на животната средина.

Локалната самоуправа на Сојузот за иднината ќе го спроведе проектот за гасификација на јавни институции, стопански објекти и домаќинства во општина Охрид. Реализацијата на проектот ќе се одвива во пет фази.

WebOhrid