Агенцијата за млади и спорт и официјално потврди дека претстојниот викенд започнува Балканската лига во Хокеј на мраз, чиј организатор е Македонската хокеј федерација. Проектот е поддржан од страна на Агенцијата за млади и спорт, во насока на промоција и афирмација на овој спорт во нашата земја.
Во лигата ќе настапуваат 8 екипи, од 5 балкански држави (Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Бугарија и Грција) поделени во 2 дивизии.
Во првата дивизија ќе настапуваат екипите на: Металург од Скопје, Спартак Суботица, Славија Софија и Вукови Сараево.
Во втората дивизија ќе настапуваат 2 македонски екипи, една екипа од Грција и една од Бугарија.
„Во првата дивизија ќе се играат вкупно 5 турнири, од кои 2 во Скопје и по еден во Сараево, Суботица и Софија, додека пак во втората дивизија ќе се играат вкупно 3 турнири и тоа сите во Скопје. Втората дивизија практично ќе се смета и за државно првенство на Македонија во хокеј на мраз“, – истакна Никола Тасев претседател на хокејарската федерација на Македонија.
Она што е позитивно и што дава големина на целокупниот овој настан во насока на развојот на хокејот во Макеоднија е тоа што нашата публика ќе има можност да гледа квалитетен меѓународен хокеј, а истовремено многу млади луѓе кои сакаат да тренираат хокеј ќе можат да се запознаат во живо со овој спорт.
„Балканската хокеј лига е круна на напорите за промоција и омасовување на хокејот како спорт во нашата држава. Македонската хокеј федерација и Агенцијата за млади и спорт праватогромни напори за повторно заживување на хокејот во нашата земја, како спорт кој и тоа како бил повеќе од атрактивен во Скопје во периодот на седумдесеттите и осумдесеттите години од минатиот век. Токму во таа насока се и проектите што ги реализира Хокеј федерацијата на Макеоднија со поддршка на Агенцијата за млади и спорт, како што се школите за млади хокеари, Отворените денови на хокејот и сл. и истите се реализираат со единствена цел да придобиеме многу млади луѓе да го засакаат овој спорт и професионално да почнат да спортуваат“, – истакна директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески.
Агенцијата за млади и спорт е презадоволна од фактот што секојдневно расте бројот на деца што се занимаваат со хокеј и ваквите проекти се показател дека сме чекор поблиску до приближување на хокејот до младите. Во таа насока, АМС во континуитет дава финансиска поддршка на проектите на Хокеј федерацијата на Македонија, а годинава од буџетот на АМС издвоени се вкупно 400.000 денари, од кои поголемиот дел се за развој на хокејот во нашата земја.