Извршена превентивна вакцинација од антракс на добитокот во село Раовиќ

Официјален ветеринар на Агенцијата за храна и ветеринарство, во почетокот на минатиот месец, изрече мерка за превентивна вакцинација против болеста антракс, на сите приемчиви видови животни (говеда, овци, кози и коњи ) во селото Раовиќ во општина Сарај. Таму, во едно одгледувалиште, само кај едно угинато животно (говедо), со лабораториски анализи на земените мостри потврдено е присуството на оваа болест.

Од страна на официјален ветеринар и овластеното ветеринарно друштво извршен е преглед и кај останатите животни во одгледувалиштето и кај другиот добиток кој се одгледува во ова село, при што е констатирано дека нема други заболени грла.

Угинатото животно под надзор на официјален ветеринар е спалено и нештетно отстрането, а во фармата е извршено темелно чистење и дезинфекција. Донесена е и забрана за влез и излез на говеда од и во одгледувалиштето и нивна изолација, а спроведено е и епидемиолошко испитување за утврдување на можниот извор на заразата.

Од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство населеното место Раовиќ во општина Сарај е прогласено за нов дистрикт на болеста антракс во Република Македонија. Таму, како и во останатите 20 дистрикти во Република Македонија ќе продолжи преземањето на мерките за сузбивање и искоренување на оваа болест со задолжителна вакцинација на животните во наредните 20 години.

Последниот случај на појава на оваа болест во Република Македонија евидентиран е во 2009 година во Велешко. И во овој регион на сила е мерката за вакцинација на добитокот против антракс.

Антраксот е заразна болест – зооноза од која можат да заболат сите домашни животни и која може да се пренесе и на луѓето. Вообичаено не се шири од животно на животно, ниту од човек на човек. Бидејќи причинителот на оваа болест е бактерија која е екстремно резистетна на надворешните услови, истата може да опстане во почвата и по неколку години.