Претседателот Иванов се сретна со министерот за безбедност на Босна и Херцеговина, Мектиќ

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими министерот за безбедност на Босна и Херцеговина, Драган Мектиќ.

Во фокусот на разговорите беа можностите за продлабочување на билатералната соработка во сферата на безбедноста, бегалската и мигрантската криза, како и безбедносните предизвици со кои се соочува регионот.

Двајцата соговорници изразија целосна подготвеност за тесна соработка во борбата против терористичките закани и борбата против сите форми на организирани криминални активности.

Посочувајќи дека странските борци ја користат балканската бегалска рута, претседателот Иванов и министерот Мектиќ, укажаа на потребата од поинтензивна регионална соработка и воспоставување на подобра комуникација и координација меѓу безбедносните служби во регионот.

На средбата беа разменети мислења и за соработката, размена на искуства и заеднички настап пред меѓународните организации, со цел имплементација на мерките за де-радикализација и контра-радикализација.