Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска одржа состанок со членовите на Управувачкиот комитет, тело на Владата за координација и управување со системот за управување со кризи, и со припадници на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, во врска со справувањето со бегалската и мигрантската криза.
Состанокот се одржа со цел претседателот Иванов да ги запознае членовите на комитетот за неодамнешната средба со претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, комесарот за проширување Јоханес Хан, извршниот директор на Фронтекс Фабрис Легери и со претседателот на Република Србија Томислав Николиќ, на која беа разменети информации за моменталните состојби, за нашите предлози и за мерките и активностите на ЕУ за менаџирање на мигрантската и бегалската криза.
Претседателот Иванов искажа задоволство од одговорниот пристап кон кризата од страна на претседателот Туск, како и задоволство што предлозите, кои се однесуваат на намалување на безбедносните ризици кои македонскиот претседател ги изнесе на состанокот, беа прифатени и влегоа во заклучоците на Европскиот совет, со акцент на помош од ЕУ за Република Македонија во вршење на регистрација на мигрантите и бегалците, во согласност со стандардите на Европската унија.
Претседателот Иванов побара од Управувачкиот комитет и од сите вклучени институции во справувањето со мигрантската и бегалската криза, и понатаму со максимална посветеност да продолжат со своите мерки и активности, со цел заштита на државната граница, контрола врз мигрантите и намалување на безбедносните ризици за обезбедување и остварување на сигурноста на граѓаните на Република Македонија и нивниот имот.