Груевски: Го задолживме МВР целосно да го обезбеди Специјалното обвинителство

Владата го задолжила Министерството за внатрешни работи целосно да го покрие со обезбедување објектот во кој се наоѓа Специјалното обвинителство, изјави денеска премиерот Никола Груевски.

„На денешната седница Владата донесе заклучок и го задолжи МВР да овозможи 24-часовно обезбедување на објектот каде што се наоѓа специјалниот јавен обвинител. Да го покрие целосно со обезбедување. Министерот потенцираше дека досега се што побарала обвинителката во однос на обезбедувањето и било овозможено. Му кажавме доколку нешто повеќе побара во однос на обезбедувањето на објектот да и биде овозможено“, изјави Груевски.

Службата за општи и заеднички работи, како што информираше премиерот Груевски, целосно ќе се стави на располагање на Јавното обвинителство.

„Покрај ова, ја задолживме Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), која ги снабдува сите државни институции со сметководители, кафекувари, хигиеничари, возачи итн., целосно да се стави на располагање на специјалната јавна обвинителка. Се што им е потребно, бидејќи беше спомнато во јавноста, СОЗР како и за сите други институции да обезбеди и за нив“, рече Груевски, кој денеска ја посети локацијата Медицинар каде што ќе се гради нов студентски дом.