Општинската организација на СДСМ Охрид испрати соопштение до медиумите во кое се вели:
„Пред само неполн месец СДСМ алармираше и предупреди за катастрофалната ситуација со којашто се соочува Општата болница во Охрид. Ситуацијата станува се поалармантна, затоа што пациентите сеуште се соочуваат со крајно лоши и нехумaни услови. Во повеќе одделенија во Општата болница во Охрид, како што се интерното, геријатриското, детското одделение, како и во гинеколошкото одделение сеуште нема греење. Во ек на ниски температури, пациентите се смрзнуваат и се оставени да се снаоѓаат како знаат и умеат. Граѓаните се револтирани и со право реагираат. Тие мора сами да си обезбедуваат греалки со цел да си обезбедат минимум соодветни услови за својот престој. Зошто нема греење во болницата во Охрид? Чии бизнис интереси се штитат? Ги повикуваме надлежните веднаш да им обезбедат основни услови за престој и лекување на пациентите во Општата болница. Хаосот во здравството е резултат на погрешните политики на Никола Тодоров и Никола Груевски, а граѓаните тоа многу добро го препознаваат. Затоа тие имаат една заедничка идеја: Збогум Никола!“ – стои во соопштението од ОО на СДСМ Охрид.