Наградени 24 дела на конкурсот за класична музика

Од вкупно поднесени 34 апликации наградени се 24 дела во 11 категории, додека за три категории (композиции за мелодиски инструмент, композиции со духовен карактер за мешан хор и композиции за квартет) на конкурсот не пристигнала ниту една апликација.

За резултатите од конкурсот на денешната прес-конференција во Скопје информираше министерката за кутура Елизабета Канческа-Милевска. Таа подвлече дека преку овој конкурс, кој, според неа, е еден од најефективните кои ги спроведува Министерството во насока на соодветно вреднување и стимулација на творештвото на македонските автори, досега фондот на музичките дела од овој жанр се зголеми четирикратно.

„На четирите конкурсни рокови кои се спроведоа во 2014 и 2015 година е поддржано создавањето на вкупно 91 композиција на 39 македонски автори кои се наградени со износ од 10,4 милиони денари. Овие податоци доволно говорат дека сме на вистинскиот пат во нашите заложби за поддршка на авторите и уметниците во нашата држава во нашите напори за корекција на многу состојби во културата, во нашите настојувања за соодветна стимулација на домашното творештво и негова афирмација во меѓународен контекст“, рече Канческа-Милевска.

Таа потенцира дека е од огромна важност што најголем дел од поддржаните композиции веќе се изведоа пред македонската публика и тоа во рамките на концертите на Македонската филхармонија, како и на 38. издание на Деновите на македонската музика.

„Убедена сум дека преку настапите на наменски создадениот оркестар „Контемпора“ наскоро пред македонската, но и странската јавност ќе бидат изведени и останатите дела кои се наградени на овие конкурсни рокови“, рече министерката за култура упатувајќи честитки до наградените автори.

Според одлуката на стручните комисии во кои освен претставници од Сојузот на композитори на Македонија (СОКОМ) и Сојузот на музичките уметници членуваа и други реномирани домашни и странски автори и репродуктивни уметници, доделени се девет први награди со вкупен износ од 1.390.000 денари, девет втори награди од 1.135.000 денари и шест трети награди со вкупен износ од 810.000 денари.

Конкурсот за стимулација на творештвото од областа на класичната музика, кој се распишува втора година по ред, го поздравија уметниците од повозрасната генерација, но и новите надежи на македонската класична музика.

Композиторите доајени Љубомир Бранѓолица, (награден за мјузикл во катергоријата за мултимедијална музичко-сценска композиција) и Александар Џамбазов (награден во категоријата свечена композиција за мешан хор и симфониски оркестар) го оценија конкурсот како поттик особено за младите генерации.

„Она што можеме да го кажеме ние го кажуваме со ноти. Задоволни сме од оваа поддршка особено кон младата надежна композиторска мисла за да имаат желба да се докажат и да го искажат својот талент бидејќи најголемиот успех на Македонија е токму од областа на музиката и нашиот вонсериски Симон Трпчески,“ рече Џамбазов.

Авторите од помладата генерација Дамјан Темков и Дарија Андовска особено го потенцираа придонесот на конкурсот на Министерството за култура во однос на растот на творештвото во областа на класичната музика и создавањето моќна млада генерација композитори.

Марко Коловски, член на една од стручните комисии, оцени дека особено радува фактот што има и напредок во однос на сериозниот пристап и квалитетот на поднесените партитури.

„Би сакал истата сериозност да се примени и во пренесувањето на чувствата и емоциите искажани во музиката и дека крајната цел на секој автор треба да биде да стигне до слушателите. Не мислам дека овој тип музика – класичната музика треба да биде масовна, но секако авторите треба да имаат на ум дека треба да допрат до слушателите“ рече Коловски.

Композиторот Сони Петровски изрази задоволство од зголемувањето на музичкото творештво и потенцира дека изминатите години голем број дела од композициите кои беа наградени на конкурсите се изведоа не само на сцените во Македонија, туку и надвор од земјата.

На почетокот на следната година од Министерството за култура најавија дека ќе биде објавен и новиот конкурс за кој очекуваат интерес да пројават домашните автори.