Охридскиот пратеник Тунтев поднесе предлог за измени во Законот за заштита од пушењето

Пратеникот од СДСМ од Охрид, Томислав Тунтев, како овластен предлагач, во Собранието на Република Македонија поднесе предлог Закон за измени во Законот за заштита од пушењето, со кој се предвидува одредено олабавување на постоечките строги и ригирозни законски одредби.

„Со бројните измени и дополнувања на Законот од 2008 година наваму, воведувани се се’ построги правила кои, особено во однос на угостителските објекти, се премногу ограничувачки, како за пушачите – корисници на угостителските услуги, така и за вршителите на угостителската дејност. Актуелното законско решение ја влоши економската состојба во сферата на туризмот и угостителството, посетеноста на угостителските објекти драстично опадна, а угостителскиот сектор доживува драстичен пад на прометот. Тоа особено се однесува за периодите кога временските прилики не се поволни за работа (зима, доцна есен и рана пролет), кога угостителите и онака се дополнително оптоварени со зголемени режиски трошоци (струја, греење, вентилација и сл.). Угосителите се принудени нивните гости, кои сакаат да запалат цигара, или да ги одвратат од намерата да бидат нивни гости, или пак да ги упатат гостите надвор од објектот, вклучително и вон терасите и летните бавчи, што е мошне неприкладно, недолично, непотребно и непродуктивно.

Контрадикторноста на Законот се гледа и во фактот што запалена цигара надвор од објектот (на тераса, летна бавча и слично), ако се временските услови погодни и преградите подигнати или отстранети , не подлежи на санкција, додека во спротивно подлежи на санкција , која патем е огромна. Тоа угостителите ги става во директна зависност од метеоролошките услови, што е прилично неблагодарна ситуација.“– велат од СДСМ.

Наведените причини, како што стои во предлогот, ја наметнаа потребата од донесување на измени на овој закон, што се поддржани од група пратеници од опозицијата.