Охрид СОС: Важни одлуки за управувањето со НП Галичица се носат за време на празници

Од Охрид СОС информираат дека јавна расправа за предлог-измените на планот за управување со националниот парк Галичица за период 2011-2020 е закажана за 4-ти јануари.

„Ова се коси со сите постоечки домашни и меѓународни прописи за уредно консултирање на јавноста кога станува збор за добра од јавен интерес.На прагот сме да изгубиме три национални природни богатства со еден замав. Новите измени во Планот за управување со Националниот Парк Галичица подразбираат отстранување на досегашниот степен на заштита на најранливите подрачја на оваа планина со цел изградба на Ски-центар, експресен пат и туристичко-развојни зони на брегот на Охридското Езеро. Овие огромни градежни зафати во срцето на Галичица се закануваат да го уништат уникатниот биодиверзитет на Галичица, а домашни и странски експерти во повеќе наврати потврдија дека уништувањето на планината би значело и бавно уништување на Преспанското и Охридското Езеро – две од три природни езера во Р.Македонија.“- велат од Охрид СОС.

Додаваат дека овие огромни градежни зафати во срцето на Галичица се закануваат да ги уништат уникатниот биодиверзитет на Галичица, а домашни и странски експерти во повеќе наврати потврдиле дека уништувањето на планината би значело и бавно уништување на Преспанското и Охридското Езеро– две од три природни езера во Р.Македонија.

Потсетуваат дека граѓанската иницијатива Охрид SOS заедно со повеќе граѓански организации учестувала на јавната расправа која се одржа на 11.09.2015 во просториите на ЈУНП Галичица, а на 28.09.2015 испратиле и свои коментари кон ревидираната стратегиска оценка на животната средина за предлог- измените во Планот за управување со Националниот Парк Галичица, но до ден денес тие не добиле никаков одговор од надлежните институции.

„Па сакаме јавно да прашаме дали можноста за коментари од страна на граѓаните е само сурова шега на наша сметка? Дали некој воопшто ги чита овие коментари? Или одлуките се однапред донесени без знаење на јавноста и во интерес на приватни интереси.“- прашуваат од Охрид СОС.

Оттаму бараат итно поместување на временската рамка за консултации со јавноста и предлагаат истата да трае во период од 11.01.2016 до 11.02.2016 година, како и во најбрз можен рок да им биде испратен одговор во врска со доставените коментари до ЈУНП Галичица.