Претседателот Иванов се сретна со претставници на Здружението на граѓани за лица со епилепсија и родители на деца со епилепсија во Македонија „Епилепсија Македонија“

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими претставниците на Здружението на граѓани за лица со епилепсија и родители на деца со епилепсија во Република Македонија „Епилепсија Македонија”.

На средбата претставниците на Здружението „Епилепсија Македонија” го информираа претседателот Иванов за нивните активности во насока на обезбедување заштита на правата и потребите на лицата со епилепсија и родителите на децата со епилепсија, како и намалување на предрасудите и дискриминацијата врз лицата со епилепсија и обезбедување на нивна рамноправност.

Воедно, беа разменети мислења и околу предизвиците со кои се соочуваат лицата со епилепсија и можностите за нивно надминување. Во тој контекст, претставниците на Здружението„ Епилепсија Македонија” го запознаа претседателот Иванов со своите барања до институциите во државава.

Претседателот Иванов ги охрабри и ги поддржа напорите на Здружението „Епилепсија Македонија” за спроведување на своите програмски активности, а со цел подобрување на квалитетот на животот на сите лица со епилепсија и нивните семејства. Македонскиот претседател посочи дека е потребно зголемување на јавната и професионална свест за ова заболување и поттикнување на институциите за навремен и соодветен одговор на потребите на лицата со епилепсија.