ЗПММ: Доколку не се повлече одлуката, од утре комплетен БОЈКОТ на македонската музика

Доколку не се повлече спорното барање за стопирање на емитување на музика на членовите кои се под заштита на ЗАМП, од Здружението на приватните медиуми на РМ (ЗПММ) најавуваат дека ќе ги повикаат сите свои членови на комплетен бојкот на македонската музика.

„Ние едноставно немаме друг избор и оваа одлука се наметнува сама по себе. Само за ислустрација, според одлуката донесена од Законодавецот, радио станиците од 01.01.2015 година, ќе треба да емитуваат 50% македонска музика. Во вакви услови, тоа е едноставно невозможно и затоа ние веќе побаравме од истиот законодавец да ни создаде услови за нормална работа. Напоменуваме дека како Здружение во врска со измените на овој закон не бевме консултирани или повикани на јавна расправа за да ги дадеме нашите барања и размислувања, иако членови на ЗПММ се над 80% од медиумите во оваа држава. Доколку ваквата обврска не се почитува, согласно прописите, следуваат санкции за радиодифузерите, а ЗАМП директно ги изложува радиофидузерите на штета, поради неможноста за почитување на законската обврска, со што Одлуката на ЗАМП претставува линк помеѓу штетата која би ја претрпеле како радиодуфузери, а која пак би била побарувана од ЗАМП по пат на регрес“, велат од ЗПММ.

Додаваат дека ваквата одлука, односно забрана е контрапродуктивна по самите автори кои ЗАМП ги застапува, пред се` поради фактот што самите автори губат на својата афирмација, а тоа и негативно се одразува и на популарноста не само на авторите, туку и на нивните дела.

„Како медиуми не сме во состојба, за толку краток временски период да ја приспособиме програмата и провериме нашата архива со музика на автори за кој не знаеме дали се дел од вашето здружение, за што ќе ни биде потребен разумен рок од најмалку 180 дена. Во исто време предлагаме да се стави мораториум на одлуката во траење од исто така 180 дена, период кој би се искористил да се отвори јавна расправа, во која би учествувале претставници на СИТЕ медиуми (не само националните) и одговорните органи и надлежни министерства. Само на овој начин членовите на нашето здружение не би биле оштетени од финансиска страна и ќе нема потреба да носат вакви радикални одлуки кон истите“, додаваат од ЗПММ од каде бараат ИТНО да се донесе одлука медиумите да продолжат со нормална работа, се` до решавање на овој наметнат проблем.

Доколку не се постапи според насоките погоре, од Здружението на приватните медиуми на РМ (ЗПММ) ќе ги повикаат своите членови на тотален бојкот на македонската музика, со оглед на самиот факт што на овој начин едноставно нема музика која би можела да се емитува.

„ТОТАЛНИОТ БОЈКОТ би траел се до конечното средување на состојбите во оваа област“, напоменуваат од Здружението на приватните медиуми на РМ (ЗПММ).