Во врска со најавите за обилни снежни врнежи за утре, а по одржаниот координативен состанок со општинскиот штаб за заштита и спасување, СВР Охрид преку полициската станица за безбедност на патиштата во сообраќајот, ќе преземе повеќе активности од својот делокруг на работа, со цел одржување на безбедноста и непречено одвивање на сообраќајот на локалните, регионалните и магистралните патишта.
Со цел поефикасно работење на службите надлежни за редовно чистење и зимско одржување на коловозите, апелираме до граѓаните, утре од 17 часот да ги отстранат и да не ги паркираат своите патнички и други моторни возила на следниве сообраќајници и улици: „Димитар Влахов“, „Партизанска“, „Илинденска“, „Цар Самоил“, „Кирил и Методиј“ како и на булеварот „Туристичка“.
Имајќи ја во вид потребата да се обезбеди зачувување на употребната вредност на јавните патишта и да се обезбеди непрекинат, безбеден и непречен сообраќај, потребно е на надлежните служби да им се обезбеди непречено движење на посебните возила кои треба редовно или интервентно да ги одржуваат коловозите во текот на зимските временски услови. Бидејќи следува време на снег и ниски температури, извесна е појава на голомразица и врнежи од снег со што се зголемува опасноста од отежнато движење на пешаците и одвивање на сообраќајот по јавните површини, тротоари, улици и патишта. Оттука, потреба од редовно чистење на снегот од објектите на комуналната инфраструктура, јавните површини, локални улици и патишта.
Зимското одржување на локалните улици и патишта се врши согласно на одредбите на Законот за јавни патишта, Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата, Законот за јавна чистота, Законот за заштита и спасување и Законот за управување со кризи.