Средба на претседателот Иванов со француските амбасадори од регионот

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, оствари работна вечера со амбасадорот на Француската Република во Република Македонија, Н.Е. Лоренс Оер, како и со амбасадорите на Француската Република во земјите од регионот на Југоисточна Европа.

На средбата присуствуваа амбасадорите на Француската Република во Р. Бугарија, Р. Србија, Р. Хрватска, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Р. Словенија, Унгарија, Р. Косово, и Р. Албанија, како и специјалниот пратеник на Француската Република за Балканот и претставници од француското Министерството за надворешни работи.

Целта на средбата е подготовка за Париската конференција за Југоисточна Европа 2016. По конференциите во Берлин 2014 и Виена 2015, ова е трета конференција по ред, со цел реализација на значајни политички и инфраструктирни проекти кои го засегаат регионот на ЈИЕ, а кои се дефинирани од страна на лидерите на Процесот „ Брдо Бриони”.

Во разговорите со амбасадорите беа разменети мислења за актуелните состојби во нашиот регион, безбедносните предизвици, бегалската и мигрантската криза, состојбата во евроатлантските интегративни процеси, регионалната соработка, добрососедските односи, и улогата на Француската Република во регионот на ЈИЕ.

Претседателот Иванов ја потврди заложбата на Република Македонија за интензивирање на регионалната соработка во сите области на заемен интерес и истакна дека со оглед на актуелните предизвици со кои се соочува целиот регионот повеќе од било кога е неопходна засилена соработка меѓу државите, како на политички и економски, така и на безбедносен план.

На средбата, претседателот Иванов ги реафирмираше надворешно политичките приоритети на Република Македонија, истакнувајќи дека земјата цврсто останува на своите заложби за целосна интеграција во ЕУ и НАТО. Во тој контекст беше истакнато дека треба што поскоро да се надмине политичката криза и земјата целосно да се фокусира на европските и евроатланските процеси