Претседателот на СДСМ, Зоран Заев денес во изјава за медиумите истакна:
„Само уште еднаш на почетокот на оваа изјава сакам да потсетам дека без регулација на медиумите и професионални стандарди во медиумскиот простор не може да има фер и демократски избори.
Без прочистен избирачки список не може да има регуларни избори во Република Македонија.
Сите политички субјекти заедно, на лидерските средби, но и изгласувајќи го Изборниот законик заедно во парламентот, избраа независна Државна изборна комисија. Државната изборна комисија е таа којашто е должна и под кривична одговорност го потпишува Избирачкиот список. Изгласувајќи го законот на 10-ти декември законодавецот предвидел 85 дена за прочистување на Избирачкиот список. Од денеска до 5-ти март, до кога треба да се прочисти Избирачкиот список и да се даде на јавен увид, остануваат точно 45 дена.
Претседателот на ДИК, потенцирам тоа е таа независна институција којашто е единствено надлежна што може да потврди кога може да се прочисти избирачкиот список за да се оди на регуларни избори, тој истиот претседател изјави дека се пробиени роковите за навремено и веродостојно прочистување на Избирачкиот список.
Оваа патологија што ја наметнува Никола Груевски, поддржан од Али Ахмети, претставува насилство врз независната Државна изборна комисија.
Органите и телата на СДСМ и на здружената опозиција наредните денови ќе ги донесат своите одлуки и за учеството во владата и за сите наши следни чекори.
Но, едно знам, после тоа што вчера се случи слободно можам да испратам апел, да го поттикнам, целиот демократски свет, сите демократски сили во Република Македонија, малку е здружената опозиција, ги поттикнувам сите политички партии со сите етнички предзнаци во своето постоење, ги повикувам сите интелектуалци, новинари, сите борци за слобода и демократија на заедничко здружување во една заедничка платформа за спас на Македонија.
Македонија мора да ја врати слободата и демократијата!“-изјави Заев.